Во Белград заврши редовниот мајски Собор на Српската православна црква, на кој на МПЦ-ОА и беше потврден статусот на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година, по што беше одржана заедничка литургија на владици на СПЦ и МПЦ-ОА, со што се воспостави литургиско и канонско општење на двете сестрински цркви.

Во соопштението на официјалниот сајт на СПЦ, покрај повеќе одлуки кои се донесени на овој Собор, се споменува само заедничката литургија во Соборниот храм на Свети Сава со кој се воспостави евхаристичко општење и канонското единство помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА.

– Следниот благодатен и благословен настан на Соборот беше заедничкото сосолужување на соборната света литургија во храмот на свети Сава на Врачар по воспоставувањето на евхаристичкото општење и канонското единство помеѓу Српската православна црква и Македонската православна црква, како таа се нарекуваше по прекинот на општењето од 1967 година. Литургијата ја служеше патријархот српски г. Порфириј во сослужение на архиепископот охридски и македонски г. Стефан, заедно со голем број архиереи, свештеници и ѓакони, се наведува во соопштението.