Компанијата „Спејс-Икс“ на милијардерот Илон Маск, неодамна  го информирала Пентагон дека не може повеќе да го финансира сателитскиот интернет сервис Старлинк во Украина, јави синоќа Си-ен-ен. Извештаи од фронтот во источна Украина укажуваат дека Старлник на многу места не работи, што ги отежнува акциите на украинската војска во ослободување на териториите окупирани од Русите. 

Во писмото се бара таму каде што Старлинк е во служба на украинската Влада и армија финансирањето да го преземе Пентагон, што, според „Спејс-Икс“ би чинело повеќе од 120 милиони долари до крајот на 2022 година и приближно 400 милиони долари за наредните 12 месеци. 

-Не сме повеќе во состојба и натаму да донираме терминали за Украина, или да ги финансираме постоечките терминали во недогледно време, напишал во писмото директор за владини закупи на „Спејс-Икс“. 

Во други документи од „Спејс-Икс“ испратени до Пентагон е и барањето на генералот на украинската армија Валериј Залужниј директно испратено до Маск во јули за речиси 8.000 нови Старлинк терминали. Од почетокот на војната, компанијата во Украина донирала околу 20.000 сателитски терминали за интернет.  

Во писмото до Маск, генералот Залужниј ги пофалил Старлинк како „извонреден сервис“ укажувајќи дека околу 4.000 терминали биле дадени на армијата. Сепак, околу 500 терминали месечно биле уништувани во борбите. Залужниј затоа побарал нови 6.200 терминали за украинската армија и разузнавачите служби и плус 500 месечно, како резерва за уништените. 

На ова од „Спејс-Икс“ подоцна одговориле наместо кај нив, генералот да се обрати кај Министерството за одбрана на САД. 

Подоцна, Маск на Твитер објави свои идеи за разрешување на воениот конфликт меѓу Русија и Украина, кои според мноумина набљудивачи всушност се слични на барањата на Путин до Киев за Украина да ги отстапи источните територија и Крим и да остане неутрална. Имаше и извештаи дека пред да ги објави своите идеи тој разговарал со рускиот лидер, но Маск веднаш го демантираше тоа. 

Си-ен-ен дознава дека по критиките од многу страни и поединци, Маск во приватен разговор изјавил дека  тој „се уште многу ја поддржува Украина“, но се плаши од „огромна ескалација“.  

Во разговорот тој, исто така, спорел зошто Украина не сака мировни преговори сега и дека ако тие би оделе со неговиот план „Русија би ги прифатила условите“. 

-Украина знае дека нејзините тековни владини и воени напори се целосно зависни од Старлкинк. Одлуката дали Старлинк ќе работи или не зависи главно од еден човек. Тоа е Илон Маск. Тој не е избран, никој не одлучил да му ја даде таа власт. Тој ја има поради од него изградените технологија и компанија, изјави извор кој учествувал во разговорите. 

Од Пентагон јавуваат дека барањето на „Спејс-Икс“ финансирањето да го покрие владата е неосновано, бидејќи околу 85 отсто од 20.000 терминали, и оваа бројка претходна ја потврди и „Спејс- Икс“ , биле платени или делумно платени од земји како САД или Полска. Овие ентитети исто така платиле околу 30 отсто од интернет конекцијата, која според „Спејс-Икс“  чини 4.500 долари месечно за терминал со најнапредни перформанси. 

Извор од Пентагон за Си-ен-ен истакнал дека обраќањето на „Спејс-Икс“ е во полза на негување позитивен имиџ на компанијата во јавноста, „тие да изгледаат како херои, додека другите плаќаат високи сметки, и сега добиваме фактури од десетици милиони долари“.