Социјалистичката партија на Македонија укажува дека со прифаќањето на мониторинг мисија од Европската унија врз работата на Судскиот совет владата на Ковачевски ја признава катастрофалната состојба во овој орган и во судскиот систем.

Најнеспособниот премиер логично го има со себе и најнеспособниот Судски совет кој е срам и понижување за македонската држава и за целокупното судство кое е спуштено на дното во општеството.

Наместо да се зафати со реформи во судството Ковачевски само продолжи да го метастазира овој приватизиран орган кој е заштитник на криминалот и корупцијата преку судиите со кои се манипулира и врз кои се влијае за политички и лукративни цели.

Судиите и обвинителите се под политичко влијание и целосна контрола на СДС и ДУИ што е апсолутно недозволиво, носат неверојатни нелогични одлуки кои не се во склад со правото и правната логика.

Судскиот совет и советот на јавни обвинители со право се изложени на жестока кампања од граѓаните, од медиумите, од партиите и од меѓународните претставници кои гледаат каков криминал и корупција има во овие структури, а за што во одредена мера и тие сносат вина.

Тоа мора да се промени и да си понесат одговорност власта и овие органи за штетните политики и одлуки спротивни од правните норми и прописи.

Судството, судиите и Судскиот совет мора да се сменат со целосна реформа, но не во стилот на „пупката на Заев“ и катастрофата што е создадена. Вистинските професионалци се поклопени од страна на прврзаниците или потклекнатите под стегите на СДС и ДУИ и на тоа мора да му се стави крај.

Социјалистичката партија на Македонија смета дека оценките од мониторингот од ЕУ ќе бидат бесцелни доколку судството итно не се трансформира според европски стандарди и критериуми.

Затоа СПМ истакнува дека и од овие причини се потребни итни избори и целосни и вистински реформи во судската и обвинителската структура кои се без интегритет, без отчетност и контрола на нивната работа.