Можеби уште поинтересен е податокот дека во денес двојазичното Скопје, според „Скопски гласник“ од 1934 година, имало само 1900 Албанци

Блаже Миневски

Пред осумдесет години, според  „Скопски гласник“, службен весник на општина Скопје, во градот живееле 64 807 лица, од кои 35 067 мажи и 29 740 жени. Православни биле 32 382, муслимани 19 307, Евреи 2 464, католици 1 465, протестанти 140, итн. Од сите нив, 15 853 мажи биле неженети, а 12 250 жени немажени. Статистиката објавена во гласникот тврди дека во Скопје на 1 000 венчани жени доаѓале околу 1 106 венчани мажи (со кого биле венчани тие 106 мажи над бројот од 1000 гласникот не објаснува), а разведени имало само 289 од кои жените се побројни за 85 од мажите. Притоа интересно е што во табелата за „народности што живеат во градот“, нема графа за Срби, иако во тоа време, според Србите, не постои Македонија туку Јужна Србија, односно Скопје е главен град токму на Јужна Србија, бановина во Кралството Југославија. Според табелата објавена во општинскиот службен гласник, во градот во 1934 година живееле 33 310 тазе прекрстени Југословени, а всушност Македонци, само 26 Бугари, 688 Руси, 13 893 Турци, 2 190 Евреи, 279 Грци, 110 Романци, 438 Ерменци, 1 900 Арнаути, 2 496 Цигани и 466 останати. Десет години пред тоа, градот имал двојно помалку население, само 32 249 жители, од кои 1.456 мажи и 13 793 жени. Според евиденцијата на  стручните служби на општина  Скопје, градската власт пред 80 години, меѓудругото, сосема прецизно знаела колку луѓе во градот пијат вино, колку пиво, колку ракија а колку млеко. Постојат прецизни пресметки колку алкохол и колку млеко се трошеле во Скопје во текот на еден ден, на пример.

Половина скопјани – неписмени!

Според „Скопски гласник“, во Скопје имало малку писмени луѓе, а уште помалку писмени луѓе во поширока смисла на зборот под која се подразбира „извесно книжевно образование“. Статистиката објавена во гласникот говори дека во Скопје имало 45 проценти неписмени лица, а тоа е скоро половина од вкупното население или околу 33 000 лица:

„Кога има толку неписмени луѓе, тогаш е јасно зошто просветата не стои  баш најдобро во Скопје. За да се постигне  некаков успех, мора да се отстрани сé што би сметало во просветувањето“, пишува уредникот на гласникот, додавајќи дека една од најголемите пречки и голем камен на сопнување е потрошувачката на алкохолни пијалоци:

„Да наведеме неколку статистички податоци од најдоверливи извори, кои даваат најточна слика за потрошувачката на алкохолни пијалоци. Прво, во Скопје има деца и младинци под 14 години кои страотно многу трошат алкохол. Од податоците на општинската царинска станица може да се види дека во текот на минатата година во градот се испиле 2 025 430 литри разни алкохолни пијалоци, најмногу вино 960 777 литри, пиво – 740 853 литри и ракија 327 000 литри. Според оваа статистика на едно лице доаѓа по околу 36 литра годишно или по околу 40 грама дневно.

Ако на ова се додаде испиеното вино кое не поминало низ царинската станица, и виното од грозјето купено и преработено во Скопје, тогаш имаме дневна потрошувачка од  100 грама по човек. Ако знае дека истата година потрошувачката на  млеко била  0, 070 литри по лице, а потрошувачката на месо само 80 грама, тогаш е сосема јасно колку е голема потрошувачката на алкохолни пијалоци во градот. Значи, според податоците од најдоверливи извори, дневно во Скопје речиси двојно повеќе се пие алкохол отколку млеко. Оттука, статистички, едно лице, жител на Скопје, годишно за алкохол троши 339 динари, за млеко 104 динари, за леб 414 динари, а за месо само 495 динари. Според тоа, за алкохол Скопјани трошат само 74 денари помалку по лице отколку што трошат за леб. Кога би биле познати податоците за алкохол кој не е регистриран, парите што се даваат за алкохол сигурно би биле многу повеќе од парите што се трошат за леб.

Само минатата година, скопјани, млади и стари, богати и сиромашни, потрошиле околу 19 милиони динари за алкохолни пијалоци. Освен тоа, за жал, бројот на бакалници за алкохол сé уште расте, па веќе може со сигурност да се тврди дека ниту една друга трговија не расте со таква брзина како трговијата со алкохол. Во секоја населба има најмалку по една пивница, и сите се полни во текот на целиот ден“, пишува  „Скопски гласник“, службениот весник на Скопје, кој излегувал од 1929 до 1941 година.

Патем, случајно или не, веднаш под статистичките податоци за потрошувачката на алкохол во градот, објавена е информацијата дека во убиства, самоубиства и несреќни случаи во годината кога се потрошиле  2 025 430 литри разни алкохолни пијалоци загинале 95 лица! А градот имал нешто повеќе од  64 илјади жители…

Слаба наплата на таксите

Во истиот „Скопски гласник“, службен весник на градот, со апел објавен на 11 ноември 1934 година на првата страница, општинската власт ги повикува граѓаните, кои своите долгови не ги платиле навреме, да одговорат на својата должност за да може да се завршат сите комунални работи што се почнале во текот на годината. Според апелот, од такса за чистење и поливање на улиците биле предвидени 120 000 динари а биле собрани само 45 017 динари.

Според буџетската пресметка од такса за изнесување на сметот биле предвидени 640 000  динари а била наплатени само 126 443,80 динари. Од такса за употреба на каналите било превидено да се соберат 20 000 а се наплатиле само 5 384 динари. Таксата за обезбедување на приватен имот од пожар требало да донесе 445 000 динари, а донела само 94 877,40 динари.

Градската власт потсетува дека ваквите средства не  смее да останат ненаплатени ако граѓанството, како што се вели, сака да ги види остварени сите објекти кои како неопходни се земени за работа и мора да се довршат докрај. Според објавата во службениот весник на градот, односно според општинската управа на Скопје од пред 80 години, „граѓаните се должни да ги платат заостанатите побарувања“, а општинскиот суд апелира до граѓанството да не ги заборава своите „должности кон општината“, односно што побрзо да ги подмират своите долгови, за да не биде принуден општинсксиот суд „ваквите побарувања да ги собира на начин со кој граѓанската совест на Скопјани би била доведена под сомнеж“.

Во врска со опасноста од излевање на Вардар, „Скопски гласник“ апелира „итно да се сврти Вардар под селото Злокуќани, кај имотот на Панче Крстиќ (Крстев/ски?), и на тој начин да се избегне излевање на водите во градот“.

Ова свртување би се извело со мал прокоп, а останатото би го направила самата вода, бидејќи постои старо корито каде што Вардар претходно течел:

„Притоа треба да се  обезбедат сите десни удари на водниот тек на опасните места каде што реката може да се излее во секој момент. Сите работи на утврдување на брегот, особено десниот брег на Вардар, не би чинеле вкупно повеќе од неколку десеттина илјади динари, а секако се побитни од сите други градежни работи во градот. Истовремено, градскиот парк треба да се продолжи по должината на десниот брег на Вардар до Лепенец, во должина од околу 5 километри. Под влијание на влагата и водата, на овој дел од Скопје може да се создаде бујна вегатација, како што е веќе создадена од веќе одземените од Вардар површини до стариот парк. Овој појас ќе го спречува и нанесувањето на прав кон градот од северозападните ветрови засилени со сообраќајот од таа насока.

Во приватно-правните односи општина Скопје мора одлучно да настапи во интерес на градот како целина. Значи, веднаш да се тргнат млиновите на Вардар, особено млинот Морино и Шабан-пашиниот млин, кои пречат во правилното решавање на проблемите за регулација и уредуваање на кејот на реката. Двата објекти не се во согласност со регулациониот план на град Скопје“.

Според стручната проценка на инжинер Божидар Нешовиќ (Нешов/ски?), со регулациониот план сите индустриски објекти мора да бидат подигнати крај Вардар под градот Скопје, но никако над градот по течението на реката.

(Продолжува)