Вашингтон ги поддржуваше напорите за решение на долгогодишниот спор за името меѓу Грција и Македонија во период на кампања за запирање на руското влијание во регионот, изјави Вес Мичел, помошник секретарот за европски и евроазиски прашања.

„Посветивме особено значење на зајакнување на државите од фронтовската линија во Европа кои се најранливи на рускиот геополитички притисок“, изјави синоќа Мичел на сослушувањето во Комитетот за надворешна политика на Сенатот.

Тој додаде дека „на Балканот американската дипломатија играше главна улога во разрешувањето на грчко-македонскиот спор за името“, посочувајќи го јунскиот договор. Мичел притоа истакна дека американски дипломати се ангажирани со Србија и Косово за да се забрза дијалогот кој се води под водството на ЕУ.

Во однос на Украина и Грузија тој рече дека „ние ги повлековме претходните административни рестрикции за набавка на оружје за давање отпор на руската агресија за територија“.