Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова од денеска до 16 септември ќе престојува во Република Албанија.
Нејзиниот тридневен престој во Албанија е во пресрет на националниот попис на населението во Албанија, како што објавија бугарските медиуми, „важен момент за бугарското национално малцинство“. Јотова е планирано во Елбасан да отвори неделно училиште на бугарски јазик. Таа беше првиот бугарски државник кој ја посети „бугарската заедница во Албанија“ веднаш по нејзиното официјално признавање во 2017 година.
За време на посетата во Тирана ќе биде промовирана книгата на профсор Спас Ташев „Бугарите во Албанија“.
Во Голо Брдо, во селото Големо Острени, Јотова ќе се сретне со претставници на бугарското национално малцинство, а во Елбасан бугарската потпретседателка ќе ја отвори новата учебна година во бугарско неделно училиште, соопшти прес-службата на бугарското претседателство.
Во Тирана планирани се средби со претседателот Бајрам Бегаи, со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, со претседателката на Собранието Линдита Никола, со министерот за внатрешни работи Таулант Бала. Јотова ќе разговара со ректорот на Универзитетот во Тирана, проф. Артан Хоџа, каде се изучува бугарскиот јазик.
Во делегацијата, предводена од потпретседателката на Бугарија се и професори од бугарските универзитети и од Бугарската академија на науките, јавија бугарските медиуми.