Проевропската опозиција во Србија по одржаниот состанок на прес конференција во Собранието побара од властите одржување на итни парламентарни и белградски избори до крајот на оваа година. Тие најавија блокада на седниците на собранието до добивање одговор од властите и најавија нов протест „Србија против насилството“ во петок, јави дописникот на МИА од Белград.

-Бараме итно распишување на вонредни парламентарни и белградски избори до крајот на оваа година за да опозицијата како прв чекор по промената на режимот на СНС да ги исполни барањата на граѓаните, порачаа пратениците и претставниците на организаторите на протестот „Србија против насилството“.

Како што истакна претседателот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац, барањата на граѓаните кои протестираат не се исполнети.

-Ќе бараме парламентарни избори, но и избори за градот Белград. Со успех на парламентарните избори можеме да ги исполниме барањата на протестот. Бараме поддршка од граѓаните за да на парламентарните избори добиеме поддршка и да ги исполниме тие барања и да ги стабилизираме социјалните услови, посочи Лутовац.

Тој додаде дека „вчера имавме многу успешна средба на која се договоривме за чекорите што ќе ги преземеме за исполнување на барањата на граѓаните.

Како што изјави пратеникот на Зелено-левиот фронт, Радомир Лазовиќ, опозицијата ќе ја блокира седницата на Собранието додека не добијат одговор за распишување на изборите.

-Наместо да ги исполни барањата на протестот на Србија против насилството, напредњачката власт реши да не убеди дека системот не функционира и со тоа дополнително ја продлабочи кризата во која се наоѓаме сите, рече Лазовиќ.

Пратеникот на Еколошкото востание, Александар Јовановиќ Чута изјави дека дел од опозицијата одлучила да ја блокира работата на денешната седница на Собранието на Србија и додаде дека ова е местото каде „најбрутално“ се прекршуваат сите можни закони. Тој додаде дека „денес нема да има собрание“ и дека ова е порака до сите што мислат дека можат да си играат со народот.

Борко Стефановиќ од Партијата за слобода и правда (ССП) зборуваше за притисоци врз гласачите.

-Бараме да се исполнат препораките и наодите, пред се да се регулира притисокот врз медиумите, институционално да се запре притисокот врз гласачите, особено врз лицата вработени во државните претпријатија, но и приватните, рече Стефановиќ.

Претседателот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ ја истакна неопходната промена на изборните услови.

-Бараме да се уредат избирачкиот список и матичните книги, да се прекине притисокот врз гласачите во јавните и приватните претпријатија, да се регулира работата на РЕМ, нагласи Алексиќ.

Во барањето за одржување на итни вонредни избори се придружи и дел од десницата, меѓу кои и пратеникот Иван Костиќ од Двери кој рече дека го поддржуваат „барањето на прозападната опозиција за распишување избори“.

Претседателот на собранието Владимир Орлиќ на прес конференција и одговори на проевропскиот дел од опозицијата дека „со ентузијазам ја прифаќа иницијативата за распишување вонредни парламентарни и белградски избори, дека за тоа барање ќе ги извести надлежните органи – Владата на Србија, претседателот и да ќе добијат одговор во најкраток можен рок, можеби за 30 дена“.

И покрај вревата Брнабиќ говори за буџетот…

Со извици „крадци, крадци“, свирежи и врева, опозиционерите кои се организатори на протестот на Србија против насилството денеска се обидоа да спречат почеток на единствена расправа за 25-те точки на дневниот ред, но премиерката Ана Брнабиќ продолжи да зборува иако ретко кој можеше да слушне, јави Бета.

Седницата ја отвори претседателот на српското Собрание Владимир Орлиќ, а кога во салата влегоа премиерката и министрите се слушнаа свирежи и извици „крадци, крадци“ и „надвор, надвор“.

Брнабиќ го започна своето излагање за ребалансот на буџетот за оваа година и предлогот за министер за економија, игнорирајќи ја вревата што не престанува.
Телевизијата Н1 јави дека обезбедувањето на српскито Парламернт не дозволува сниматели од медиуми да влезат во салата.