Емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, денеска ја започна официјалната дводневна посета на Франција и разговараше со претседателот Емануел Макрон за војната на Израел против палестинското движење Хамас во Појасот Газа.

Макрон на социјалната платформа Х објави дека денеска Франција и Катар заедно обезбедија 75 тони хуманитарна и медицинска помош за жителите на Газа: 10 амбулантни возила, храна и 300 семејни шатори кои пристигнаа на аеродромот Ел Ариш во Египет, кај преминот Рафа кон Газа.

Катар има клучна улога во дипломатските напори за постигнување прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците.

Преговарачите на САД, Египет и Катар со палестинското движење Хамас и Израел работат на постигнување договор за прекин на огнот во текот на кој Хамас треба да ги ослободи заложниците што ги држи во Појасот Газа во замена за израелско ослободување на палестинските затвореници.

Премиерите на Катар и Франција утре ќе претседаваат со економски форум за поттикнување инвестиции во секторите за соработка: вештачка интелигенција, здравство, „зелена технологија“, транспорт и туризам.