Министерката за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сон-хуи, и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера во Москва го одржале третиот стратешки дијалог меѓу двете земји, јави севернокорејската државна новинска агенција (КЦТА).
Според КЦТА, двете страни постигнале согласност за сите прашања што биле разгледувани, при што разговорите биле насочени кон спроведувањето на Договорот за сеопфатно стратешко партнерство, потпишан во јуни 2024 година.
Русија изразила целосна поддршка за мерките на Северна Кореја против, како што е наведено, „непријателските дејствија што ја загрозуваат нејзината позиција, правото на развој, како и суверените права и безбедносните интереси“.
Пјонгјанг пак, ја повторил својата „непоколеблива поддршка“ за руската политика насочена кон отстранување на, како што ја нарекува Москва, „основната причина“ за конфликтот во Украина и заштита на рускиот суверенитет и територијален интегритет.
Кремљ тврди дека руската инвазија врз Украина во 2022 година била предизвикана од проширувањето на НАТО и заканите кон руското население во Украина. Киев и неговите западни сојузници ги отфрлаат таквите тврдења и ги оценуваат како оправдување за неиспровоцираната воена агресија.
Лавров и Чое разговарале и за идни посети на високо ниво, планови за натамошна соработка и дипломатска координација по клучни меѓународни прашања.
Москва вчера соопшти дека Чое во неделата се сретнала и со рускиот претседател Владимир Путин, на кого му пренела поздрави од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Севернокорејските медиуми денеска ја КЦТА денеска во одвоена информација потврдија за средбата.
Според претходните информации, Северна Кореја испратила околу 14 илјади војници кои и помогнале на Русија во одбраната на Курската област по украинската офанзива што започна во 2024 година, во рамки на одбранбениот договор меѓу двете земји.
Аналитичарите оценуваат дека посетата на Чое би можела да отвори пат за нова посета на Ким Џонг-ун на Русија. Севернокорејскиот лидер последен пат престојуваше во Русија во 2023 година, а претседателот Путин повторно го покани во Москва за време на нивната средба во Пјонгјанг во јуни 2024 година.
Во меѓувреме, Северна Кореја продолжува да ги зајакнува и односите со Кина, а серијата средби на високо ниво овој месец беше посветена на одбележувањето на 65-годишнината од Договорот за пријателство и меѓусебна одбрана меѓу двете земји.




