Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска во Сочи ќе разговара со својот руски колега Владимир Путин за одржливоста на Црноморскиот договор за жито под новите услови на ОН.
– Несомнено, главна тема на претстојните разговори во Сочи ќе биде одржливоста на претходниот договор за украинското жито. Лидерите детално ќе разговараат за новите предлози кои беа подготвени во ОН со учество на Турција, изјави неименуван руски извор.
Турскиот весник „Сабах“ вчера објави дека во новиот пакет предлози на ОН има клаузула за почеток на преговори за укинување на ограничувањата за руските производители на храна чии средства се блокирани во Европа. Меѓу предлозите на светската организација е и повторното вклучување на „Роселхозбанк“ во системот СВИФТ (SWIFT). Се планираат и чекори за решавање на проблемот со осигурувањето на руските бродови кои превезуваат храна. Русија еднострано се повлече од Договорот за извоз на жито преку украинските пристаништа на Црното Море.
– Заедно со Договорот за жито, кој ќе биде главна тема на средбата меѓу претседателите Ердоган и Путин, може да се разговара и за испорака на природен гас од Русија за Европа преку Турција. Оваа тема не е помалку важна, станува збор за создавање гасен центар на територијата на Турција, наведе изворот.
Тој исто така посочи дека на агендата на состанокот ќе биде и „сценариото за снабдување жито од Русија за сиромашните земји во Африка преку Турција со финансиска поддршка на Катар“.