Шпанскиот премиер Педро Санчез и германската канцеларка Ангела Меркел денеска одржаа неформална средба во местото Сан Лукар де Барамеда во јужна Шпанија, при што повикаа за „фер распредлба“ на мигрантите што доаѓаат во европските земји.
Санчез и Меркел порачаа дека ќе се заложат за подобар заеднички пристап кон миграцијата и најавија дека таквиот став ќе го промовираат на Самитот на ЕУ, што следниот месец ќе се одржи во Австрија.
Според податоците на Меѓународната агенција за миграција (ИОМ) од вкупно 60.309 мигранти и бегалци што годинава преку Средоземното Море пристигнале во Европа, најголем број или 24.600 биле прифатени во Шпанија.
Шпанија стана главна дестинација за прифат на мигрантите што од либискиот брег се упатуваат кон Европа, откако Италија и Малта им забранија влез во своите пристаништа на бродовите што превезуваат мигранти.
Европската комисија уште минатата година предложи план за прераспределба на мигрантите меѓу земјите членки на ЕУ според утврдени квоти, но тој пропадна откако беше отфрлен од државите од централна и источна Европа.