Десетици илјади луѓе бегаат од Балканот во побогатите земји, а главна причина за тоа се „немање слобода, зависност од партиите и мали плати“, пишува австрискиот Дер Стандард во анализата за тоа зошто луѓето од Југоисточна Европа се селат во богатиот север.

Весникот наведува дека во повеќе од земјите од поранешна Југославија, животниот стандард бил поголем пред три децении.

– Во Хрватска, која е членка на ЕУ, егзодусот на населението поприма заканувачки размери за опстанокот на државата, констатира весникот, наведувајќи податоци од Еуростат дека од Хрватска се иселиле 14 отсто од населението.

Весникот додава дека тој просек во ЕУ е 3,8 проценти.

– Во Југоисточна Европа животот го определуваат семејните конвенции, припадност кон нација или религија, значи колективни ентитети, пишува Стандард.

Што се однесува за Хрватска, на Австријците им е јасно што се случува: Со влегувањето во ЕУ, Хрватите добија можност да наоѓаат работа во други земји членки на Унијата, а тоа предизвика вистински егзодус.

А што се однесува до Македонија, се води кампања, особено од владејачките партии, која во најмала рака е во спротивност со тоа што е потврда не само во Хрватска, туку и во Бугарија, Романија и во други земји.

Имено, постојано се говори дека со влезот во НАТО и ЕУ, ќе биде сопрено иселувањето на населението, особено на младите. Не треба да се потсетува дека Хрватска, како и Бугарија и Романија, од поодамна се членки и на НАТО и на ЕУ.