1737. Да се знае кога беше во Ниш војската. Тогаш Германците ги потиснаа Турците и настана голем страв, а кратовските попови скубеа таљија, та се хранеа.
Толковен псалтир на Лешечкиот манастир.
*
Оваа книга е од манастирот „Свети Прохор Пчињски“, пустиножител. Пишував јас, грешниот дијак Јанко, во месец март, 25 ден. Беше страшна година – чума тепаше, сипаници имаше. Пет гроша чинеше една ока ракија, а вино еден грош. Во 1738 добра беше зимата – снег немаше, сосем малку врнеше.
Ракопис од Пчињскиот манастир.
*
Да се знае тоа: дојдов јас, грешниот еромонах герасим, на Скопскиот митрополит господин Атанасиј протосингел, во село Кучевишта, во 1741 година. По потекло од Кратово, на поп Јован малиот син, мајка ми (беше) Менка.
Минеј од Лешечкиот манастир.
*
1747. Да се знае кога се запопив јас, грешниот дијак Младе, во Скопје, во 1747 година, месец февруари.
Книга Јов од Скопје.
*

1747. Оваа света и божестена книга е на Лесновскиот манастир, и кој ќе ја одземе од црквата да му е противник архистратиг Михаил и Гаврил и светиот отец Гаврил. Во 7255 (1747) година; нтогаш беше егумен еромонах Теодосиј. Уф, уф, тешко нам од Агарени во тоа време.
Лесновска библија, 16 век.
*
Да знаете, о, читатели: оваа книга се наоѓа во скопкста нахија во Марковиот манастир „Свети Димитрија“. Да не се осмели некој зол човек да ја украде, како што некои направија во овој манастир – кој книга зеде, кој мошти, та остана во манастирот само зградата. Тоа се случи во врерме на митрополитот Захариј. Меѓутоа лошо направија, ги очекува судот Божји, и ако сега не се мачат (ќе се мачат) на оној свет. Ако пак умреле без покајание, горко ним – горко му на човекот што ќе постапи како тие што погоре ги споменавме. 1792.
Зборник 14 век.
*
Да се знае кога имаше во Кратово чума; го утепа поп Алексо, во 1795 година.
Посен триод од Кратово, 16-17 век.
*
1799. Во годината од раѓањето Христово 1799 година од Синодот во Цариград испратија митрополит во Скопје по име господин Антим. Тој беше учен човек, но многу голем среброљубец. Поради своето среброљубие, не се придржуваше кон црковните закони: симонијата во неговите манастири беше голема, немаше милост кон црквите, сираците и владиците, ниту милостина даваше. Во Марковиот манастир бев јас смирениот егумен јеромонах Хрисант. Во голема сиромаштија, живеев: орната манастрирска земја во Варвара ја држеше митрополитот и уште 50 други гроша од манастирот ми земаше. Ова го пишував со својата рака јас Хрисант еромомнах во 1799 година од Рождество Христово.
Минеј од Марков манастир 14-15 век.
*
Ова го препишав јас Кирил Тетоец, егумен на Марковиот манастир „Свети Димитрија“ во 1807 година при митрополитот господин Антим.
Иловичка крмчија, 1262 год.
*
1825. И пак во 1825 година се јави друга ѕвезда со многу темна опашка и не личеше на другите ѕвезди, туку изгледаше само како опашка. Навечер изгреваше откаде Солун, а заоѓаше накаде Мореја. Се јави околу Крстовден и стоеше цела есен. Ова го пишував јас, некогашниот егумен на Марковиот манастир Кирил.
Чуда на Пресвета Богородица, 1720.
*
Да се знае дека замрзна Вардар во 1833 година, на 25 декември, и држеше мраз 32 дена, така што одеа по него луѓето сосе коњи.
Запис врз примерок на Огледало, сопственост на семетсво од Велес.

Од книгата „Стари записи“ од Ѓорги Поп-Атанасов, Скопје 1996 година. (Подготви Марко Китевски)