Денеска во Прилеп, дојде човекот кој пред очите на целата македонска јавност се колнеше во своите деца, предци, дека додека го дише воздухот и го држи паметот, немало да има промена на Уставот и уставното име на нашата држава. Македонија не памети ваков политичар кој ги менува своите изјави и ги погазува своите зборови, во еден ист ден, рече Ирена Стерјоска Локвенец од ВМРО-ДПМНЕ.
– Зоран Заев е човекот кој е одговорен за погубниот договор со Грција, човекот кој е одговорен за продажба на националните и државни интереси, човекот кој без никаков срам преку капитулантскиот договор со Грција и Бугарија ја брише историјата што ја создаваа нашите предци, револуционери, борци за слободна и независна Македонија. Ако алиби за досегашното неработење како на централно така и на локално ниво беше процесот на преговарање за смена на име, кој сите видовме како фатално заврши по целиот македонски идентитет, многу веројатно како алиби за идното неработење на оваа влада ќе биде сиот тој процес за смена на име на институции, пари, нови униформи, лични документи, дипломи, ревидирање на учебници по историја во кои треба да пишува за некоја нова држава, истакна Стерјоска – Локвенец.
Таа нагласи дека на шверцерски начин се направи обид да се донесе законот за употреба на јазиците со кој албанскиот јазик треба да биде втор службен јазик во Македонија, а со тоа Прилеп градот херој, да стане двојазичен.
– Преку прекршување на Уставот и законите, на повидок е уште еден срамен чин со кој насила сака да се смени уставното име на Република Македонија. А економијата е на дното во Европа, со само 0.1% раст. Наместо нови инвестиции и нови работни места, пред објективот на камерите, Заев и неговите соработници се сликаа во фабриките кои ВМРО-ДПМНЕ ги донесе. Здравството никогаш не било покатастрофално. Потсетуваме дека во прилепската болница и останатите здравствени установи нема ниту еден реализиран проект во овие година дена. Напротив, истата беше оставена без потребните основни средства за операции, а со тоа беше загрозен животот на прилепчани. Според изјавата на министерот Филипче, Прилеп останува и без лабораторија за проверка на крвта, рече Стерјоска – Локвенец.
Таа ја посочи „единствената позитивна работа која ја прави СДСМ во овој период“.
– Тоа е пуштањето во употреба на наши проекти, кои ги реализиравме целосно за потребите на граѓаните. Пред скоро време беше пуштена во употреба новата градинка, проект од локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Токму денес, Заев присуствува на пуштањето во употреба на пречистителна станица која е капитален проект реализиран во наше време со искористување на средства од ЕУ фондовите. Со овој проект Прилеп ја добива не само најдобрата пречистителна станица во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Македонија и Прилеп, на чело со Зоран Заев, градоначалникот Јованоски и кадрите поставени од СДСМ, губат скапоцено време. Додека животниот стандард се влошува од ден на ден, додека граѓаните ги чувствуваат катастрофалните резултати на свој грб, сведочиме за понижување на Македонците и кршење на македонскиот дух. Затоа оваа ЌЕ влада мора што поскоро да си замине. Ќе дојдат подобри времиња! Македонија ќе победи, истакна Стерјоска Локвенец.