Единствена мерка против загадувањето што ја презедоа градоначалникот на Скопје и Владата е вработувањето на 10 оџачари кои што треба да го намалат овој проблем со кој што се соочуваат граѓаните, рече пратеникот Димитар Стевананџија.
Тој вечерва во емисјата „Само вистина“ дебатираше со пратеникот Павле Богоевски, а дебата сакаше да ја започне со мал подарок, маска, бидејќи воздухот е енормно загаден.
– Прифаќајќи го предизвикот да бидам гостин со колегата кој е претставник на „шарената револуција“, се потсетив на некои настани од минатата година кога тој борејќи се да придонесе за почиста средина, за почист воздух беше еден од најактивните борци. Но, ме зачудува што за 12 месеци го нема да го прави тоа истото и тоа во моменти кога Скопје стана лидер, европски првак во загаденост пред Неапол, пред неколку градови од Албанија. А, на светско ниво Скопје стаса да биде 6-ти најзагаден град, истакна Стевананџија.
Пратеникот Стевананџија образложи дека со исклучени базни станици во Скопска Железара и Лисиче го освоивме 6-тото место, како најзагаден град во светот, зад Лахор Пакистан, Њу Делхи во Индија и три градови од Кина.
– Скопје значи по нешто стана препознатлив. А, единствена мерка што ја презеде градоначалникот (Петре Шилегов) и владата (на Зоран Заев) е вработувањето на 10 оџачари кои што треба да го намалат овој проблем со кој што се соочуваат граѓаните, посочи Стевананџија.
За потсетување, во кампањата на локалните избори, и Шилегов и Заев ветуваа почист „ајро, ајро…“ во Аеродром, во Скопје и во Македонија.
Инаку во 20 часот вечерва, сите мерни станици во Македонија, со исклучок на „исклучените поради дефект“, во Лазарополе и Кочани, регистрираат загаденост далеку повисока од дозволената.
Концентрација на ПМ10 честички во воздухот е дозволена 50 µg/m³. А во 20 часот вечерва состојбата е следнава: Куманово 279, Кавадарци 231, Миладиновци 208, Ректорат 158, Каропош 149, Битола1 145, Струмица 143, Гостивар 132, Центар 131, Кичево 107, Тетово 106, Кочани 44 и Лазарополе 30.
Во традиционално најзагадените делови на Скопје, Аеродром и Железара, подолг период мерните станици „се во дефект“.