Стипендијата во износ од 40.000 долари на ќерката на министерот Никола Димитров, за додипломски студии во Холандија, била доделена со потпис од Маринела Маричиќ Тушева, сопруга на Бојан Маричиќ, советник на премиерот Зоран Заев.

Како што пишува порталот Република, пред 10-тина месеци на итна седница на штотуку формирана комисија во Министерството за образование беше одлучено Јана Димитрова, ќерка на министерот за надворешни работи Никола Димитров, да добие стипендија од 40.000 долари за додипломски студии во Холандија.

На 4 август 2017 година, само два дена пред распишувањето на локалните избори, министерка за образование Рената Дескоска, со решение број 14-9573/1 формирала комисија за доделување на стипендии за додипломски студии во странство. Веднаш, истиот ден (петок) комисијата се состанала и итно одлучила по барањето на Јана Димитрова да ѝ биде доделена државна стипендија за студии во Холандија, на Универзитетот во Утрехт, пишува порталот Инфомакс и додава:

Она што досега беше непознато за јавноста е дека сопругата на специјалниот советник на Зоран Заев, Бојан Маричиќ, Маринела Маричиќ Тушева во тој момент била во функција на заменик претседател на Комисијата за доделување на стипендии за додипломски студии од прв циклус во странство за академската 2017/2018.

Тушева е и поранешна пратеничка на СДСМ од Штип, во составот 2011-та – 2014-та.