Во понеделник, 4-ти декември од 10 часот почнува разгледувањето на Буџетот на Република Македонија за 2024-та година, рече на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
-Ова е добра вест затоа што претставува последниот буџет што ќе имаат можност да го претстават криминалното дуо ДУИ – СДС. Вклучително со Буџетот за 2024-та година, СДС и ДУИ во периодот од 1 јуни 2017 година потрошија т.е. планираат да потрошат над 30 милијарди евра. Со тие пари можеше да се изгради нов Клинички центар, да се заврши започнатиот во Штип, можеше да се гасифицираат домаќинствата, да се заврши автопатот Кичево – Охрид, Скопје – Блаце, но и да се започне изградба на нови автопатски делници. Со 30 милијарди евра можеше студентите на ФИНКИ и ФФК да имаат современи услови за настава и учење, да има нови и реконструирани студентски домови, можеше постојната железничка инфраструктура да биде реконструирана, а пругата кон Бугарија да е во завршна фаза. Можеше да се направи многу, но избраа да испумпуваат пари преку РЕК Битола и ТЕЦ Неготино, да си изнајмуваат простор од себе преку Државна лотарија, да ја крадат скапата биолошка терапија од Клиниката за онкологија. Можеше многу работи да се направат, но избраа да крадат и да остават пустош зад себе, истакна Стојаноски.
Тој вели дека буџетот за 2024та година е досега историски највисок, нереален, предизборен и составен така за да може неколку месеци пред изборите да се искраде и подели помеѓу бизнисмените од власта. Ништо од макроекономските проекции не е точно, како што не беше ни изминатите години.
-Повторно ќе се обидат да направат предизборен поткуп и да си ги остварат личните бизнис интереси додека народот ќе живее уште посиромашно, а стопанството ќе продолжи да тоне. Македонија денес претставува земја со најнизок економски раст во регионот. Корона криза и војна во Украина се реалност која ги погоди сите економии во регионот, но нашата Влада најлошо се снајде и тоа е факт кој го нотираат сите меѓународни финансиски организации. Инфлацијата во изминатите 2 години надмина 30%, а кај храната и електричната енергија кои се неопходни за нормално функционирање достигна и над 50%. На само еден месец до 2024-та година задолжени сме како никогаш до сега. Прашање на денови е кога јавниот долг ќе надмине 9 милијарди евра, пари кои ќе треба да ги враќаме ние, а и нашите внуци. Само за камати во 2024-та година ќе се исплатат над 270 милиони евра, историски највисок износ за оваа намена. Владеењето на СДС и ДУИ скапо ги чини граѓаните, но за 6 месеци секој од нас ќе има можност да им испрати порака од позади параванот со својот глас. Пратеничката група на ВМРО–ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија поднесе 250 амандмани со кои за последен пат ќе се обидеме да ги вразумиме колегите пратеници од мнозинството дека владиниот буџет треба да биде за граѓаните, а не за бизнис зделките склучени на Илинденска, Бихакќа и Мала Речица, потенцираше Стојаноски.
Тој рече дека ќе инсистираат да се прифатат амандманите кои се однесуваат на намалување на ДДВ за храната, струјата, огревното дрво, но и намалување на неколкукратно зголемената акциза за горивата.
-Ќе бараме за студентите зголемување на субвенцијата за студентски оброк, но и стипендиите. Во соработка со граѓанскиот сектор поднесовме амандмани кои се однесуваат на мерки за намалување на аерозагадувањето кое е алармантно. Поднесовме и низа амандмани кои се предлози на синдикатите, стопанските комори, организациите на работодавачите, на потрошувачите. Граѓаните знаат дека дуото СДС – ДУИ е сидро кое ја влече државата „напред“, ама кон дното, изјави Стојаноски.
Важно е дека се ближи денот кога ќе започне обновата на Македонија, додава тој.