Денес сакаме да зборуваме за суштината на усвоениот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Овој Буџет не е документ на паника и не е отстапување од економската политика. Тој е навремено приспособување на Буџетот кон реалните економски движења и кон потребите на граѓаните, општините и стопанството, вели Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
-Вкупните приходи се зголемуваат за 4 милијарди и 575 милиони денари, или 1,2 проценти, и достигнуваат 379,5 милијарди денари. Вкупните расходи се зголемуваат за 11,6 милијарди денари, или 2,8 проценти. Да, дефицитот се зголемува и изнесува 4,1 процент од БДП. Но клучно прашање не е само колкав е дефицитот, туку за што се користи дополнителниот фискален простор. Одговорот е многу јасен. Капиталните расходи се зголемуваат за 5 милијарди и 814 милиони денари, односно за 14,5 проценти. Развојните потпрограми растат за 4 милијарди и 215 милиони денари и достигнуваат повеќе од 41 милијарда денари, рече пратеникот.
Тоа се средства за патишта, железница, водоводи, канализации, училишта, здравствени објекти, животна средина и локална инфраструктура.
-Тоа се инвестиции што создаваат работа денес, а вредност за граѓаните во годините што следуваат. Истовремено, приходната страна не се гради врз нереални очекувања. Приходите растат систематски ,системски, пресметано и создаваат поголема вредност во економијата. Се крати таму каде што нема доволен приоритет, а се зголемува таму каде што има економски, развоен и општествен ефект. Затоа, кога опозицијата ќе зборува само за една бројка, ние ќе зборуваме за целата слика. Ќе зборуваме за структурата на расходите, за проектите и за придобивките кои што треба да ги почувствуваат граѓаните, рече Стојаноски.
Пратеникот оцени дека овој Ребаланс треба да се оценува не само според тоа колку средства се планираат, туку според тоа што ќе се изгради и што ќе се подобри со нив.
-Тоа е разликата помеѓу непродуктивна потрошувачка и развојна политика, порача Стојаноски.




