На претседателот на бугарската антимакедонска фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој вчера нудеше 200 евра за тој што ќе го открие идентитетот на полицаец од граничниот премин Деве Баир, Фејсбук му го блокира профилот.

Тој за А1он вика дека го нема најдено се уште името на полицаецот, но и дека ќе продолжи да го бара за да го тужел.

-Мојот пост за 200 евра за името на полицаецот беше избришан од Фејсбук и мојот профил е блокиран два дена затоа што мојата објава ги прекрши правилата на Фејсбук. Блокиран сум затоа што го поставив неговото лице. Тие имаат таква политика за приватност. Во ред е, нема проблем. Згора на тоа во коментарите имаше пцовки од двете страни. Овој полицаец им се заканувал со смрт на тројцата уапсени бугарски државјани и го објавуваме неговото име за да се поднесе тужба против полицаецот, појасни Стојанов.

-Односите меѓусебни одат кон катастрофа. Многу сум разочаран. Иднината за двете земји и за двата народа е јасна.Не мора со лошо да биде и нема зошто да се делиме. Ниту Кочани нема да биде бугарско ниту Благоевград македонски, мора заедно да одиме напред – Бугари и Македонци. За жал, има луѓе во Скопје и неколку во Софија кои го спречуваат ова да се случи, рече тој.

По инцидентите со бугарски државјани на граничниот премин Деве Баир, вчера најгласниот од нив, претседателот на бугарската фондација „Македонија“ Виктор Стојанов, објави објави фотографија од македонски полицаец. Тој во објавата нудеше пари за оној кој ќе му даде информации за неговото име и презиме.

Извор: А1он