Шведскиот в.д. премиер Стефан Ловен денеска изјави дека има подобрена политичка клима во земјата и дека може да се изнајде решение за состојбата која настана откако ниту еден од политичките блокови не успеа да обезбеди мнозинство на неодамнешните парламентарни избори.

Ловен, кој ја предводи Социјалдемократската партија, остана на должноста премиер иако му беше изгласана недоверба во Парламентот, во кој претставник на конзервативната Умерана партија (Модератерна) беше избран за спикер.

Добрите изборни резултати на десничарската националистичка партија Шведски демократи ги ослабнаа двете водечки групации – блоковите на социјалдемократите и на десниот центар и доведоа до политички застој.

– Постојат многу потенцијални можности за излез од политичкиот ќорсокак. Тие предвидуваат да престанеме со блоковската политика и да овозможиме одделните партии да соработуваат меѓу себе, што може да се постигне доколку има малку повеќе волја меѓу лидерите, изајви Ловен, алудирајќи на можност за широка коалиција.

И социјалдемократите и Модератерна имаат по неколку помали партии кои гравитираат околу нив и кои го надополнуваат нивното мнозинство во Парламентот.

Блокот на Ловен имаше еден од историски најлошите резултати и освои 144 пратеници, додека блокот на Модератерна има 143, а СД располага со 62 мандати.