Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ги повика членките на НАТО да продолжат да ѝ помагаат на Украина, зашто во спротивно, како што рече, ако ѝ се дозволи на Русија да победи, сите ќе платат висока цена.
– Ако дозволиме Путин да победи, сите ќе мора да платиме многу повисока цена. Авторитарните режими ширум светот ќе научат дека можат да го добијат она што го сакаат со брутална сила, рече Столтенберг на седницата на Парламентарното собрание на Алијансата што се одржува во Мадрид.
Тој, исто така, посочи дека сојузниците во НАТО мора да бидат подготвени да ја поддржат Украина на долг рок.
– Да, знам дека оваа поддршка има цена. Во нашите земји, многу луѓе се соочуваат со криза на трошоците за живот. Сметките за енергија и храна растат. Ова се тешки времиња за многумина, рекол Столтенберг, се посочува во соопштението на НАТО.
Но, подвлекол Столтенберг, цената што ја плаќаат НАТО-сојузниците се мери во, според него, со пари, додека Украинците ја плаќаат со крв.
Говорејќи за можноста за проширување на НАТО, Столтенберг рекол дека „дојде време да се финализира процесот на пристапување на Финска и Шведска како полноправни членки на Алијансата“.
– Тоа ќе ја направи НАТО алијансата посилна, а луѓето во тие земји многу побезбедни, рекол генералниот секретар на НАТО.
Столтенберг нагласил и дека зголемувањето на инвестициите во одбраната на членките ќе биде важна тема на самитот во Вилнус следната година.
Тој очекува сојузниците да ги зголемат буџетите за одбрана бидејќи, како што вели, „два проценти од БДП за инвестиции во одбраната треба да се сметаат за долната, а не горната буџетска граница“.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, членките на НАТО испратија значителни количини оружје и муниција во Украина. Минатиот петок, главната украинска одбранбена компанија Укроборонпром објави дека Полска, Чешка, Франција, Данска и други членки на НАТО заедно со Украина ќе произведуваат тешко оружје и друга воена опрема.