Земјите-членки на Алијансата се согласија значително да ги зголемат заедничките трошоци поради новата безбедносна ситуација во Источна Европа поради руската инвазија врз Украина, јави ДПА.
Цивилниот буџет на Алијансата за 2023 година ќе биде зголемен за околу 28 отсто до 370,8 милиони евра на годишно ниво, додека воениот буџет за 2023 година е поставен на 1,96 милијарда евра, што претставува зголемување од 26 отсто во споредба со 2022 година, соопштија од НАТО.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја поздрави одлуката, изјавувајќи дека таа е конкретен израз на повисокото ниво на амбиции меѓу земјите-членки.
– Само Северна Америка и Европа, кои работат заедно во силно НАТО, можат да ги задржат нашите една милијарда луѓе безбедни во се поопасниот свет, наведе Столтенберг во соопштението за печатот.
Во моментов, воениот и цивилниот буџет на НАТО заедно изнесуваат околу 1,8 милијарда евра. Во споредба со трошоците за одбрана на одделните земји-членки, ова е многу мала сума, бидејќи според документите на НАТО, пренесува ДПА, само САД последен пат потрошиле 769 милијарди евра, додека Германија околу 55,6 милијарди евра.
Формулата неодамна беше ревидирана за да се приспособи на барањата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој постојано ги критикуваше европските сојузници, пред се Германија, дека не придонесуваат доволно во заедничките трошоци за одбрана.