НАТО во следните денови на Украина ќе и испорача одбранбени системи за борба со дронови, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на безбедносната конференција во Берлин.
– Најважното нешто што можеме да го направиме сега е да го исполниме тоа што го ветивме, а тоа се уште повеќе системи за против- воздушна одбрана, рече Столтенберг.
Системите за против- воздушна одбрана ќе можат да ја бранат Украина од беспилотните летала од иранско производство, со кои Русија веќе неколку дена интензивно ја напаѓа енергетската инфраструктура на земјата.
– Во следните денови НАТО ќе испорача специјални системи против дронови што ќе можат да се бранат од напади од ирански беспилотни летала, рече Столтенберг.
Украинските власти соопштија дека голем број беспилотни летала во последните неколку дена уништиле речиси една третина од електричните централи во земјата.