Соработката меѓу ЕУ и НАТО отсекогаш била важна, но таа стана уште поважна со руската воена агресија врз Украина, каде ја гледаме најсуровата војна во Европа по Втората светска војна, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во воведното обраќање на заедничкиот состанок на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДА) на Европскиот парламент.
Тој истакна дека соработка е особено видлива кога е во прашање Украина, потенцирајќи дека рускиот претседател Владимир Путин направил две стратешки грешки со нападот врз земјата, со тоа што ги потценил украинската способност за одбрана, но и подготвеноста и цврстата решеноста на западните земји да го поддржат Киев.
– Имаме досега најголема поддршка без преседан, која стана поголема од сите очекувања на почетокот на војната и која се гледа во доставување на артилериско оружје, ракети со голем дострел, противвоздушна одбрана, муниција, обука на војници. Многу е важно да продолжиме со таа поддршка, истакна Столтенберг, изразувајќи при тоа благодарност до Данска, Холандија и Норвешка за нивната подготвеност да и донираат на Украина ловци Ф-16, како и за земјите каде што ќе се обучуваат украинските пилоти и техничари.
Според него, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, не треба само да и се ветува помош на Украина, туку и да се преземаат конкретно чекори кон тоа, за што е потребна подобра координација меѓу ЕУ и НАТО,
– Украинците постепено ги враќаат окупираните земји, тоа е тешка битка, тие ги пробија руските одбранбени линии и напредуваат, рече Столтенберг.
Тој потсети дека на Самитот на НАТО во Вилнус во јули годинава, членките на Алијансата ја повторија својата решеност да продолжат со поддршката на Украина, но дека разговараа и за приклучувањето на земјата кон НАТО, нагласувајќи дека таа ќе стане членка на Пактот кога ќе биде подготвена и кога ќе се создадат услови за тоа.
Столтенберг нагласи дека на Самитот и решено да продолжи воената поддршка и помош на Украина, да се формирање Совет НАТО-Украина за зајакнување соработката и е донесена одлука дека на земјата нема да и биде потребен Акциски план за членство, каква што беше досегашната пракса при приемот на нови членки.
– Политичка реалност е дека нациите сами решаваат за својот пат и Украина реши да стане членка на НАТО, а Русија не може да стави вето на тоа, додаде Столтенберг.
Тој истакна дека пред неколку години Путин изјавил дека нема да прифати ново проширување на НАТО со земји во близина на границите на Русија, но со инвазијата врз Украина наместо да го спречи тоа, тој ги донесе силите на Алијансата поблиску до руската територија со тоа што Шведска и Финска станаа членки на Пактот.
Генералниот секретар на НАТО потсети и дека на Самитот во Вилнус е договорено и да се превенира ескалацијата, преку засилување на одбраната на целата територија на Алијансата, зајакнување на единиците за брза реакција и на капацитети на поморските и воздухопловните сили, како и за зголемување на трошоците на земјите членки за одбраната и за инвестирање во одбранбената индустрија и производството на муниција, што, како што рече, е од круцијално значење за безбедноста.
Соработката меѓу ЕУ и НАТО е мој приоритет и верувам во таа соработка, порача Столтенберг, додавајќи дека двете институции иако се различни, делат исти вредности и дека со приемот на Шведска и Финска во Пактот, дури 96 проценти од жителите на земјите членки на ЕУ се и жители и на Алијансата.
Тој потенцира дека соработката меѓу Унијата и Алијансата се согледува во заедничката работа во поддршката на Украина, во сферата на кибер безбедноста, вселената, одбраната, како и во мисиите на Западниот Балкан, пред се во Косово, заблагодарувајќи им се притоа на европратениците за поддршката на таа соработка.
Во одговор на пратеничките прашања во однос на инцидентот со нападот на дрон во близина на границата со Романија, Столтенберг изјави дека истрагата за тоа е во тек, потенцирајќи дека НАТО ќе стои цврсто во заштитата на своите источни граници и граѓани.
На прашање како НАТО ќе придонесе за мир ако троши повеќе за производство на оружје, Столтенберг истакна оти верува дека со зајакнување на одбраната се инвестира во безбедноста и во гарантирање на мирот на членките на Алијансата и на нејзините сојузници, додавајќи дека очекува земјите членки да ги зголемат трошоците за одбрана во просек за осум отсто, што ќе претставува најголем пораст на трошоците за одбраната во последните децении.
– Безбедноста не е регионална, безбедноста е глобална. Тоа што се случува во Украина е важно и за Азија, а тоа што е важно за Азија е важно и за нас, изјави Столтенберг, додавајќи дека од тие причини НАТО го засилува своето сојузништво во Источна Азија, Пацификот и во други делови на светот.