СТОЛТЕНБЕРГ ВО НЕНАЈАВЕНА ПОСЕТА НА КИЕВ: Иднината на Украина е во НАТО

/ 20.04.2023

Иднината на Украина е во НАТО, изјави денеска генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг за време на неговата прва посета на Киев од почетокот на руската агресија.

„Иднината на Украина е во евроатлантското семејство, иднината на Украина е во НАТО. Во исто време, главната цел на Северноатлантскиот договор и нејзините сојузници е да обезбедат Украина да победи“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Генералниот секретар вети континуирана воена поддршка за Украина. Тој потсети дека до сега сојузниците на НАТО обучиле десетици илјади украински војници и обезбедиле 65 милијарди евра воена помош.

„НАТО е со вас денес, утре и колку што е потребно“, рече Столтенберг, а потоа го покани Зеленски на самитот на НАТО што ќе се одржи во Вилнус, главниот град на Литванија, во јули.

Зеленски му рече на својот гостин дека е време Алијансата да ѝ понуди на Украина членство и повеќе оружје во борбата против Русија.

Денешната порака на генералниот секретар лесно може да го разбесни Кремљ, од каде што претходно денеска изјавија дека токму спречувањето на влезот на Украина во НАТО е една од главните цели на нејзината „специјална воена операција“, што е терминот што Русија редовно го користи за својата 14-месечна инвазија на соседната земја.

Зеленски изрази очекување дека самитот на НАТО во Вилнус ќе биде „историски“ и се заблагодари за „поканата за учество“ на самитот, како и за поканата за членство.

„Нема објективна пречка за политичката одлука да се покани Украина во Алијансата сега кога мнозинството луѓе во земјите на НАТО и мнозинството Украинци го поддржуваат пристапот, па затоа е време да се донесат такви одлуки“, рече тој.

Тој рече дека на Украина и треба повеќе оружје бидејќи секое одложување предизвикува повеќе смртни случаи. Украина ја објави својата кандидатура за НАТО во септември, откако Кремљ анектираше четири украински региони окупирани од руската војска.

Кремљ денеска на прес-конференција повтори дека Москва се противи на приемот на Украина во НАТО.

Москва го гледа НАТО како непријателска воена алијанса склона да се меша во она што го гледа како нејзина сфера на влијание. Украина доби независност од Советскиот Сојуз предводен од Русија во 1991 година.

Посетата на Столтенберг доаѓа во време кога речиси 14-месечната руска инвазија е на пресвртница. Од 24 февруари 2022 година, илјадници луѓе се убиени, милиони раселени, градови се уништени и уништена е украинската економија. НАТО ја поддржа Украина, а земјите членки испраќаат оружје, но не и воени сили.

По долгата зима и слабиот руски напредок, Украина се надева дека ќе започне контраофанзива во следните недели или месеци за да ги врати окупираните територии.

Столтенберг го посети Киев еден ден пред состанокот на кој претставниците на Контакт групата за одбрана за Украина се среќаваат во германската воздухопловна база Рамштајн каде ќе разговараат за нови испораки на оружје за Украина.

Данска и Холандија денеска објавија дека заеднички ќе донираат 14 тенкови Леопард 2. Вчера Вашингтон објави нова воена помош од 325 милиони долари за Украина, која вклучува високоподвижни артилериски ракетни системи (HIMARS), напредни и противтенковски ракети.


Од истата категорија