Во војната во Украина досега настрадале повеќе од 300.000 руски војници, соопшти денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи од Алијансата во Брисел.
– Русија денес е послаба на економски, политички и воен план, додаде Столтенберг. Политички, Русија го губи влијанието, не само во Украина, туку и во Кавказ и Централна Азија, станувајќи се позависна од Кина и ставајќи ја својата иднина во рацете на Пекинг. Воено, Русија загуби значителен дел од своите сили – стотици авиони, илјадници тенкови и над 300 илјади жртви. Истовремено, Москва губи економски поради падот на приходите од продажба на горива, поради запленувањето на имотот на руските банки, со прекинот на активностите на повеќе од 1.000 компании во земјата, со заминувањето на 1,3 милиони луѓе минатата година. Сето ова ја покажува стратешката грешка на (рускиот претседател Владимир) Путин да ја нападне Украина, додаде генералниот секретар.
Според него не треба да се потценува Русија, која ја доведе својата економија во режим на војна. – Путин има висока толеранција за жртви и Русија не ги променила своите цели во Украина. Во пресрет на зимата, руската страна акумулираше значителни залихи ракети. Гледаме нови руски обиди да ја погоди украинската инфраструктура за да ја задржи Украина во мрак и студ, додаде Столтенберг.
Во исто време, тој рече дека од почетокот на војната, Украина ги добила битките за Киев, Харков и Херсон. Годинава – Украинците продолжуваат да и нанесуваат големи загуби на Русија, истакна генералниот секретар. Тој истакна дека во Црното Море Украинците ја одбиле руската флота и поставиле коридори за извоз на жито. Најважно е што Украина остана суверена демократска нација, ова е голема победа, сумираше Столтенберг.
Според него, НАТО подготвува долгорочна програма за да му помогне на Киев да премине на воена опрема според стандардите на алијансата и целосна компатибилност со сојузничките сили. – Разговаравме за патот на Украина кон членството во НАТО, дадовме препораки за клучните реформи во земјата, вклучително и борбата против корупцијата, подобрувањето на владеењето на правото и малцинските права. Украина никогаш не била поблиску до НАТО, рече Столтенберг.
фото: ЕПА