По конфузијата која владееше во јавноста околу процедурата за зачленување на Македонија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги појасни чекорите денеска по средбата со премиерот Зоран Заев. Успешен референдум за Договорот со Грција останува клучен услов, но Македонија веќе ќе учествува на сите состаноци на НАТО и пред полноправното членство.
На претстојниот Самит на НАТО на 11 и 12 јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за започнување на пристапните преговори со Алијансата, ова е неодминлив услов низ кој поминале сите претходни земји членки, појасни Столтенберг.
– Уверен сум дека шефовите на држави и влади ќе ја поканат ПЈРМ да започне пристапни преговори, потоа неколку месеци ќе имаме пристапни преговори и доколку внатрешните процеси се финализирани во земјата, тогаш можете да се приклучите кон НАТО, рече генералниот секретар.
По заокружувањето на пристапните преговори ќе биде потпишан Протокол за пристапување кој потоа треба да биде ратификуван од парламентите на сите земји членки на НАТО. Овој процес на ратификација е тој што одзема најмногу време.
– Времетраењето варира малку, но можам да ви дадам два примера, рече Столтенберг.
За Црна Гора, објасни тој, поканата за почеток на преговори била изададена во декември 2015, преговорите биле финализирани во март 2016, а потоа сите 28 земји членки го ратификувале Протоколот до јуни 2017.
– Она што одзема време е всушност ратификацијата во разните земји членки, појасни првиот човек на НАТО.
Албанија и Хрватска, пак, беа поканети во април 2008, а се приклучија во април 2009, една година подоцна.
– Зборуваме за нешто како година и половина од поканата до полноправно членство, Но, штом го потпишеме Пристапниот протокол, што трае неколку месеци, три месеци за Црна Гора, тогаш земјата ќе биде поканета да учествува на сите средби на НАТО и ќе седи на маса и ќе биде дел од Советот на НАТО. Црна Гора почна да учествува во сите активности на НАТО во март 2016, само три месеци откако почнаа преговорите за членство, рече Столтенберг.
Како што јави МИА во Брисел, Столтенберг посочи дека процесот може да оди многу брзо, но за тоа е неопходно да завршат сите процедури околу Договорот со Грција.
– Тоа значи дека потребните промени во Уставот треба да се направени и потоа можеме да ја поканиме земјата да пристапи под новото име, Република Северна Македонија. Навистина се надевам дека народот во вашата земја ќе ја зграпчи оваа прилика, ова е историска прилика, порача геренарлниот секретар на НАТО.
Доколку референдумот не успее Македонија нема да може да стане членка на НАТО потсети Столтенберг.
– Тешко е да се замисли, доколку се отфрли оваа прилика, ситуација каде би биле толку блиску до членство во НАТО. На народот на ПЈРМ е да одлучи, но подготвени сме да поканиме и да го направиме тоа најбрзо што може, зборуваме за месеци, нагласи Столтенберг.
Генералниот секретар не сакаше да го коментира ставот на претседателот Ѓорге Иванов, и порача дека на државата е да одлучи како ќе се одвиваат процедурите и како ќе се финализира договорот со Атина.