Три деца денеска попладне го изгубија животот во пожар на куќа што избувна во Велес на улица „Даре Џамбаз“ б.б. кај последните куќи под ридот Вршник, во високиот дел на градот. Децата се на возраст од една, две и четири години.
Според информацијата од СВР Велес пожарот бил пријавен после 16 часот. На местото на пожарот веднаш излегле противпожарната единица ,екипа на СВР Велес и лекарска екипа на Брза помош.
– Кога стигнале помошта децата кои биле сами во куќата веќе биле изгорени и за жал немало можност да бидат спасени. Кога избувнал пожарот децата биле сами и заклучени во куќата. Нивните родители ги заклучиле дома и излегле да пазаруваат во продавница, појасни Верољуб Додевски портпарол на СВР Велес.
Полицијата врши истрага за причината на пожарот и за оваа семејна трагедија која ги потресе граѓаните на Велес.
Родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница, а за тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата во која животот го загубија трите деца, информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес го заврши увидот на лице место каде попладнево избувна пожар во кој животот го загубија три деца на возраст од четири, две и една година.
Јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење на идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од лице место за да се утврдат причините за настанување на пожарот.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес презема дејствија за расчистување на околностите на настанот и за утврдување евентуална кривична одговорност.
Како што информира Љубчо Лепидовски командир на Територијалната противпожарна единица од Велес, пожарот бил пријавен од граѓани во 16:05 часот.
– Ние отидовме со противпожарното возило џип, а пожарот беше во трошната куќа која е на непристапен терен во шума во високиот дел од градот за последните куќи. Стасавме заедно со родителите кои биле да пазарат во продавница, а ги оставиле децата сами дома. Кровот беше паднат и ние гаснавеме заедно со нас беше и таткото. А кога изгаснавме мислевме дека децата избегале, но за жал ги најдовме склупчени во едно ќоше, задушени од огнот и изгорени – двете девојчиња на две и четири години, а потоа малку понатаму и најмалото едногодишно девојче. Глетката беше страотно. Во куќата немаше ни вода ни струја. Во куќата имаше многу пластични шишиња кои ги собирало семејството, а кое било социјално загрозено, појасни Лепидовски.
На местото на настанот излезе на увид јавен обвинител и екипа на СВР Велес кои работеа на откривање на причината на пожарот.