Комуникологот Петар Арсовски побара да се исклучи цензусот како услов, а професорката д-р Тања Каракамишева, експерт за Уставно право, остро реагира, потсетувајќи дека цензусот или излезноста на гласачите за сите видови референдум на државно ниво е утврден во Уставот

Додека власта се пазари дали консултативен или задолжителен референдум за капитулантскиот договор со Грција, кој наголемо се прродава како „патриотски чин“, нејзините гласноговорници уплашени од неуспех, наоѓаат маани во законските и уставното решение за институтот референдум. И предлагаат нивни решенија како да се работи за промена на име на улица во Муртино, а не за промена на име на држава и идентитет на народ.
Комуникологот Петар Арсовски, во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат зборуваше за референдумот за договорот за името и прашањето за потребниот цензус од над 50 проценти за тој да биде успешен. Тој рече дека моделот на референдум кој го има Македонија е наменет за прашања за кои треба да се надгласа некаква претходна одлука, како со Законот за територијалната организација на локалната самоуправа и со тоа не е правилно применлив за прашањето за името.

– Референдумот не е само анкета. Тој произведува правно дејство и на него двете страни треба да имаат подеднаква шанса да го спроведат своето мислење. Задолжителниот референдум дозволува еднаквост помеѓу недостиг на цензус и мнозинство против. Ги едначи тие и така оние кои се противници на договорот имаат двојно повеќе шанси да успеат на референдумот отколку оние што се поддржувачи на договорот, и покрај тоа што поддржувачите можеби се мнозинство. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ или противниците на договорот кои можеби се малцинство, со едноставен технички бојкот можат да ја изиграат волјата на мнозинството заради вака поставениот референдум. Нели мислите дека тоа е малце нефер – рече Арсовски.
Како што потенцира Арсовски, единствен начин за обезбедување фер натпревар во кој и двете страни ќе треба да ги стимулираат гласачите да излезат е да се исклучи цензусот како услов.
На ова остро реагираше професорката на скопскиот Правен факултет и експерт за Уставно право, д-р Тања Каракамишева:


– Петар Арсовски повторно во мисија на рушење на Уставот на РМ! И повторно, како безброј пати досега, ете ти го Петре на јавна сцена со нов „генијален“ предлог за некаков „фер референдум“. Петре, дај те молам едуцирај се пред да шеташ по медиумите и да раскажуваш бабски сказни ко селска визитарка. Време е за твоја мала наобразба! Цензусот или излезноста на гласачите за сите видови референдум на државно ниво е утврден во Уставот, и препишан од Уставот во Законот за референдум, коментира Каракамишева на „Фејсбук“.
Таа вели дека ваквите обиди за залажување на јавноста ја туркаат Македонија во уште поголема провалија.
– Сите твои, и од други, буцкани обиди да го заобиколите тој правен факт, и како секогаш да ги релативизирате до бескрај уставните норми, само кога вам, на СДС така им одговара, ја буткаат во уште поголема провалија државата и правниот систем. Знам дека тоа ви е конечната цел, ама нема да ви ја дозволиме таа екскурзија, порача професорката Каракамишева.

Дека се прават секакви опструкции за да успее овој поразувачки договор за Македонија сведочи и изјавата на пратеникот Ферид Мухиќ, кој е дел од владејачкото мнозинство. Имено, во извештајот на официјалната страница на Собранието на РМ стои дека тој гласал „за“ ратификацијата на договорот, а тој тврди дека не гласал.
– Како сум можел да гласам „за“ договорот, кога во моментот не ни бев во Собранието- вели пратеник Мухиќ.
Тој додава дека со договорот се бришат сите етникуми во Македонија, не само Македонците.
– Целта на промената на името е прекројување на границите на Балканот. За промена на име не треба ниту граѓаните да излегуваат на референдум. Со овој договор се порекнува македонскиот национален идентитет, вели Мухиќ.
Според него, некои точки во договорот носат кон бришење на македонската нација.
– Со тргање на „македонска“ од името на највисоките национални институции како што се МАНУ и Македонскиот народен театар, станува чист доказ дека македонската нација веќе не постои. Со ова Македонија свесно се обврзува да ги укине своите национални институции. Народен – не пречи. Театар – не пречи. Што пречи? Македонски? Зошто? Затоа што македонски посочува кон нација, а нема нација. Не можеш да имаш национален театар затоа што не постои нација. Можеш да имаш народен театар на Северна Македонија и тоа не го забележувате, а тоа е експлицитен доказ дека со ова се укинува етнички и културен идентитет на Македонците како нација, а со тоа и на сите други. Со ова сите се само граѓани на Северна Република Македонија, вели Мухиќ.