Судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 3“ се одложува за 22 февруари со цел да се вложат дополнителни напори за обезбедување на еден од клучните сведоци во постапката предложен од СЈО.

Судијката Оља Ристова на денешното рочиште рече дека судот смета дека не се преземени сите мерки за пронаоѓање на сведокот Б.С. и дека е потребно да се вложат дополнителни напори со оглед дека одбраната доставила доказ, оригинален извод дека е мажена со адреса на живеење во Германија.

– Не е вложен доволно напор од државните органи. Судот ќе испрати уште една ургенција со назнака „итно“ до органите. СЈО се задолжува да направи напори да го обезбеди сведокот за следната главна расправа, изјави судијката Ристова, образложувајќи ја одлуката на судот да се одбие предлогот на СЈО за читање на исказ даден од сведокот пред јавен обвинител во истражна постапка.

Во „Титаник 3“ обвинети се Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ кои се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.

Пред да биде одложено денешното рочиште за изборни нерегуларности во Чаир, дошло до препукување меѓу обвинителите на СЈО и одбраната на обвинетиот пратеник од ДУИ, Ејуп Алими. Како што објавија некои медиуми,  Алими им се обратил на обвинителите од СЈО Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи во врска со еден од клучните сведоци на СЈО кој требаше да даде исказ на денешното рочиште.

Алими им рекол на обвинителите дека одбраната е поревносна од нив и дека до судот доставила венчаница со адресата на сведокот, а дека СЈО ништо не прави во врска со тоа. На тоа Бубевски одговорил: „Да, да, вие сте подобри од нас, секако“. Адвокатот Мефаил Арслани му одговорил: „Да, подобри сме, секако“. А Бубевски искоментирал: „Да, добри сте и кога ми се заканувате.“

„Кој ви се заканувал“, праша адвокатот. Фетаи возвратила: „Па ти беше тој што ми ја пренесе заканата дека ’ти си наша, може лесно да поминеш‘, ама на тој каурот ќе му ја расплачеме фамијата“. Адвокатот ова гласно го негирал, а обвинетите молчеле.