Дискотеката „Пулс“ во Кочани започнала да работи, иако притоа не биле исполнети минималните технички услови за работа на објектот, беше кажано од Обвинителството на денешното рочиште на судењето за пожарот во кочанската дискотеката, кое презентираше докази обезбедени од Министерството за економија и труд, сектор за туризам и угостителство.
Следното рочиште е закажано за 1јули со материјални докази од Обвинителство за Државен пазарен инспекторат и листинзи од телефонски разговори.
Со изведување на докази започна обвинителката Наташа Сарамандова, за кои рече се однесуваат на релевантни околности како започнала работата на објектот, иако притоа не биле исполнети минималните технички услови за работа на објектот, но продолжи друг обвинител откако одбраната до Судот поднесе барање за изземање на Сарамандова, поради, како што наведе “пристрасно постапување при презентација на доказите со исклучување на елементи од доказите кои се од суштинско значење”.
По барањето треба да одлучува државниот јавен обвинител Ненад Савески.
По ова, родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани во знак на револт доброволно ја напуштија судницата во КПУ Идризово.
-Наташа Сарамандова е најдобра обвинителка со обвинителот Дарко, и тие се нашата надеж дека вистината ќе биде откриена и дознаена и за нас родителите, и за целата јавност, за да видат кој ги уби нашите деца. Ако ја изземат обвинителката Наташа Сарамандова, јас мислам дека не треба ни да постои судење – изјави мајката на загинатиот Томас, Јулија Златкова.
Александар Наунов, во изјава за медиумите нагласи дека се остава впечаток дека колку повеќе се отвораат доказите и се објаснува нивната содржина, толку повеќе фокусот се префрла од суштината кон процедурата.
Од нас, родителите, нагласи Наунов се бара достоинство и трпение, и тоа го правиме од првиот ден, а за возврат бараме само едно: доказите да се изведат до крај, јавноста да ја слушне целата слика и одговорноста да не се изгуби меѓу процедурите.
На почетокот на денешното рочиште Судот, изрази сочувство до семејството на починатиот Љупчо Грнчиштанов, кој беше еден од обвинетите во случајот и информираше дека по добиено известување од МВР се запира кривичната постапка спрема овој обвинет.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.




