Судењето за изборни нерегуларности „Титаник 3“ во кој се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ продолжува на 24 јануари, кога судечкиот совет ќе треба да се произнесе по предлогот на СЈО за читање на исказ од сведок даден пред јавен обвинител во истражна постапка.

Обвинителката Фатиме Фетаи, на денешното рочиште, предложи да биде прочитан како доказ записник од исказ даден од сведокот Ресмие Беслимовска на 14.11.2016 година во СЈО, со оглед дека сведокот не е достапен на државните органи.

Одбраната истакна противење на ваквиот предлог, повикувајќи се на пресуди од Стразбур и дека не се исцрпени сите средства за пронаоѓање на сведокот, со оглед дека таа склучила брак во Германија, каде е иселена.

Случајот, кој го води Оља Ристова, се наоѓа во доказна постапка, но ова е последен доказ предложен од СЈО, а одбраната пак најави дека не ги предлага обвинетите за давање исказ и одбрана пред судот, со што веќе на следното рочиште би можело да се започне и со изведување на завршни зборови.

Адвокатите Еленко Миланов и Мефаил Аслани, пред судот кажаа дека не ги предлагаат Исмет Гури и Ејуп Аљими да дадат исказ во своја одбрана пред судот, со оглед дека ЈО не изнело докази со кои се докажува делото за кое се товарат и согласно со тоа е беспредметно обвинетите да даваат своја одбрана.

Ејуп Аљими и Исмет Гури се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.