Вечерва во 18 часот се укинува бесплатниот автобуски превоз во Скопје поради намалување на загаденоста во градот, соопштија од Град Скопје од каде што додаваат дека мерките повторно ќе се воведат доколку се покачи нивото на загадувањето на воздухот.

– И покрај расчистувањето на воздухот, Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот, апелираат од Градот.

Мерките, меѓу кои и бесплатниот јавен превоз, беа воведени во неделата во 12 часот.

Пред да стигне оваа вест денеска објавивме дека концентрациите на ПМ10 честички паднаа под утврдениот праг на алармирање на 200 микрограграми, но се уште се над максимално дозволените. Загадувањето на воздухот и денеска е над дозволеното, мерките воведени вчера и денеска се применуваат, а се очекува од утре да бидат укинати.

Последните мерења на мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат концентрации на ПМ 10 честички од 84 во Центар, 97 во Карпош, 131 кај Ректорат, 120 во Миладиновци и 70 во Бутел.

Од вчера освен кај Ректорат каде се регистрирани концентрации над 200 микрограми, секаде се под оваа граница но се сепак над дозволените 50 микрограми.

Среднодневната гранична вредност денеска се движи од 106  микрограми на метар кубен во Центар, 102 во Карпош, 151 кај Ректорат, 98 во Миладиновци, 103 во Бутел, а највисока во Македонија е во Струмица 199 микрограми.

Мерките за заштита од загадувањето беа воведени од страна на Владата во неделата, а се применуваа вчера и денеска. Денеска се очекува да бидат укинати бидејќи загадувањето е под прагот на алармирање од 200 микрограми.

Меѓу мерките се ослободување од работни обврски бремени жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, реорганизирање на работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба, намалена употреба на службените возила и ограничување на работата на градежни објекти….

Два дена во Скопје согласно препораките на Град Скопје е воведен бесплатен јавен превоз, а загадувањето го одложи и почетокот на второто полугодие за два дена.