Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува сериозно интензивирање на активностите на автопатот Кичево – Охрид следната година и тој да биде готов во предвидениот рок до јуни 2021 година.
Тој при денешната посета на Кичево изјави дека на терен веќе се одвиваат засилени активности и потсети дека се надминати сите наследени проблеми на овој автопат. Изгласан е и третиот анекс на договорот за дополнителни 190 милиони евра.
– Има околу 54-55 проценти реализација досега, но она што е поважно е дека се надминати сите наследени проблеми со тунелот, свлечиштата, клучките и алтернативните патишта. Тоа го надминавме во изминатиот период, нагласи Сугарески по средбата со градоначалникот Фатмир Дехари.
Потсети дека во тек е и проектирањето на првата делница од новиот автопат од Кичево до Гостивар. За втората делница од Букојчани до Горна Ѓоновица и за третата делница Горна Ѓоновица – Гостивар ќе се обезбедат средства од ЕУ за проектирање.
Во однос на изградбата на пругата од Кичево до Лин, министерот Сугарески истакна дека во моментот се работи на обезбедување финансиски средства.