Сулејман Реџепи, поранешниот претседател на Исламската верска заедница на Македонија (ИВЗ), во изјава за Лајм тврди дека пукањето кон неговиот син е нарачано дело. Според негвата изјава Зеглул Реџепи, инспектор во МВР бил на должност во моментот кога беше нападнат вчера попладне во скопската населба Ѓорче Петров.

– Автомобилот од кој било пукано бил без регистарски ознаки. Син ми го забележал возилото кое го следело. Застанал сакајќи да праша зошто го следат. Но в тој момент биле испукани три куршуми. Еден од испуканите куршуми се одбил од автомобилот и го повредил син ми во нога. За среќа се работи за мала повреда. Синот денес ја напушти болницата и се врати дома, вели Реџепи за Лајм.

Поранешниот прв човек на ИВЗ се надева дека случајот наскоро ќе биде расчистен и ќе се откријат мотивите за ваквиот напад.

– Немавме закани или нечисти сметки со никого. Не знаем која е позадината. Сторителот мора да ја искаже намерата откако ќе се уапси. Несомнено е дека станува збор за нарачано дело. Но сепак, случајот го оставивме во рацете на надлежните органи. Откако било пукано во син ми, напаѓачот автомобилот го оставил на улицата „Радушка“, а кај рампата во Сарај избегал со друг автомобил”, раскажува Реџепи.