Денеска е 12 мај (по стар стил) и се слави Свети Епифаниј, епископ Кипарски.
Роден како Евреин, но кога ја виде силата на Христовата вера, се крсти заедно со сестра му, Калитропија. Во неговата дваесет и шеста година се замонаши во манастирот на Свети Иларион. Подоцна основа засебен манастир, од каде што се прочу по сета Палестина и по сиот Египет заради своето подвижништво, духовна мудрост и чудотворство.
Бегајќи од човечка слава се оддалечи во Египет. На патот се сретна со великиот Пафнутиј, којшто му прорече дека ќе биде архијереј на островот Кипар. И навистина, по повеќе години, по Божја Промисла, Епифаниј дојде на Кипар, каде што ненадејно го избраа за епископ во градот Саламина и како епископ управуваше со Црквата Божја педесет и пет години. Живееше на земјата сè на сè сто и петнаесет години и се упокои од овој живот за вечно да живее во Царството Христово.
Пред смртта беше повикан во Цариград од царот Аркадиј и жена му Евдоксија, на собор на епископи којшто требаше, според желбата на царот и царицата, да го осуди свети Јован Златоуст. Граѓаните слушнаа, слушна и Златоуст, како божем Епифаниј да се согласил со царот против Златоуст. Затоа Златоуст му напиша писмо: „Брате Епифаниј, чув дека си го посоветувал царот да бидам прогонет. Знај дека ни ти веќе нема да го видиш твојот престол“.
На тоа Епифаниј му отпиша: „Страдалнику Јоване, одолевај им на навредите, знај дека и ти нема да стасаш до местото каде што те гонат“.
И обете светителски пророштва се обвистинија набрзо: не сакајќи никако да се согласи со царот околу прогонството на Златоуст, Епифаниј тајно седна на кораб и тргна за Кипар и на бродот умре, а Златоуст беше протеран од царот во Ерменија и тој по патот умре.
Свети Епифаниј се упокои во 403 година. Од многубројните негови дела најпознато е „Ковчежето“ (на грчки „Панарион“), во коешто се изложени и побиени осумдесет ереси.