Денеска е 18 август (по стар стил) и се слават Светите маченици Флор и Лавр.

Браќа по тело и по дух и по занимање. Обајцата беа ревносни христијани, а по занает каменоресци. Живееја во Илирија.

Некој незнабожечки кнез ги вработи да ѕидаат идолски храм. Додека работеа, се случи едно парче од камен да отскокне и да го удри во око синот на идолскиот жрец, којшто љубопитно ја набљудуваше работата на ѕидарите.

Кога го виде својот син слеп и крвав, жрецот почна да вика по Флор и Лавр и сакаше да ги тепа. Тогаш светите браќа му рекоа дека ако поверува во Бога во Којшто тие веруваат, неговиот син ќе оздрави.

Жрецот им вети. Флор и Лавр со солзи Го помолија живиот и единствен Господ Бог и со знакот на крстот го осенија изваденото око на детето. Тоа оздраве веднаш и окото му стана цело како што му беше.

Тогаш жрецот Мемертин и неговиот син се крстија веднаш и наскоро обајцата пострадаа во оган за Христа. А Флор и Лавр, кога го довршија храмот, ставија на него крст, ги повикаа сите христијани и го осветија со името на Господ Исус и со сеноќно псалмопение.

Кога за ова дозна илирскиот намесник, многумина од христијаните ги изгоре во оган, а Флор и Лавр живи ги фрли во бунар, па бунарот го затрупа со земја.

Подоцна нивните мошти се објавија и беа пренесени во Цариград. Овие прекрасни браќа пострадаа за Христа и со Него се прославија во вториот век.