Денеска е 5 јануари според стар стил и се слават Св. свештеномаченик Теопемт и маченик Теона.

Кога Диоклецијан објави гонење на христијанинте, никомидискиот епископ Теопемт беше првиот кој пострада за Христа. Го изведоа пред царот и царот му се закани со смртна казна ако не се одрече од Христа.

На оваа закана храбриот епископ одговори: „Напишано е: не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Ти цару, имаш власт над моето тело, прави со него што сакаш“.

Многу го биеја, го мачеа со глад и го измачуваа на разни начини. Најпосле, царот повика еден магионичар, Теона, да му напакости на Божјиот човек со некои магии. Теона раствори во вода најјак отров и му го даде на Теопемт да го испие. Овој ја прекрсти чашата и го испи отровот.

Кога Теона виде дека неговиот отров воопшто не му наштети на Теопемта, се заврте кон царот и возвикна: „И јас сум христијанин и му се поклонувам на Распнатиот“. Обајцата ги осудија на смрт. Теопемт го убија со меч, а Теона жив во земја го закопаа, во 298 година.

Чесно пострадаа и станаа граѓани на Царството Христово.