Последната приказна од македонската трагедија започнува со Граѓанската војна во Грција по Втората светска војна. Тоа е почеток на последниот чин од етничкото чистење на делот од Македонија освоен од Грција четири и пол децении пред тоа, кога за да им ја спасат голата кожа на своите деца, илјадници мајки ги испраќаат далеку од нивните домови. Во повеќе продолженија, ќе ги објавиме од нас запишаните сведоштва на десетина Македонци родени во Егејска Македонија, бегалци од Граѓанската војна во Грција, чии сеќавања и судбина можат да ни објаснат многу повеќе за сегашната грчка упорност во борбата да ни го смени името на државата и идентитетот

Семејството на Трајка и Ламбро Прешленкови од Дмбени, костурско, пред војната наликувало на секое друго земјоделско семејство во Егејска Македонија. Поради добитокот, Ламбро го усовршшил касапскиот занает. Првото дете, Ристо, е родено во 1931 година. Три години по него е родена и Костадинка. Девојчето немало ксмет. На пет годишна возраст починало од ангина додека татко и ја носел со коњ на лекар во Костур. Потоа, во 1939 година е родена Софија, а три години подоцна и Ванчо, крстен по името на деда си. Во текот на Граѓанската војна, поточно во март 1948 година, Ристо бил младински активист на НОФ, најчесто вршејќи курирски работи. Кон крајот на месецот, бидејќи силите на отпорот биле потиснати кон северната граница на Егејска Македонија, а воздушните и копнените напади на тој регион станале секојдневие, во организација на АФЖ веќе биле изготвени списоците на децата, мајките и учителките што требало да се извлечат од воениот пекол. Една вечер, во селската црква биле собрани сите родители и деца. Иако веќе се знаеле плановите за евакуација, партизанските раководители соопштиле дека токму таа вечер ќе тргне првата група деца на возраст до 14 години. Се разбира и тука била повторена идејата според која децата ќе бидат евакуирани во соседни држави за само два-три месеци, колку што се сметало дека е потребно за победа на ДАГ и НОФ и враќаwе на дечињата крај своите родни огништа.

– Селото го сочинуваа Клнченско и Каменско маало. Таа ноќ заминавме дваесеттина деца од нашето Клнченско маало. Со себе понесовме само малку храна, она што домашните ни дадоа да каснеме за пат. Мене, како најголема, деветгодишно девојче, ми рекоа да ги водам брат ми Ванчо и братучетката Мери, со напомена никаде да не ги оставам сами. Најмалите, тие што се уште беа бебиња, ги товарија во една запрежна кола. Најнапред одеа партизани, по нив ние, па колата и на крај нашите мајки. Тие не испратија до Желево. Таму се разделивме. Во плач, нив ги вратија назад, а ние продолживме кон Габреш. Со нас носевме само по неколку компири што мајките ни ги сварија во Желево, додека ние се одморавме. Во Габреш не презедоа роднини во своите куќи. Како на поматена слика, се сеќавам дека на патот Желево-Габреш со друга група партизани не сретна тетин Кољо и ми даде пет долари. Се враќаа од Македонија и продолжија, како што рече самиот, на Грамос, на бој. Токму на Грамос, разбрав многу подоцна, загинал тетин Кољо. Потоа заминавме во Раби, на границата со Македонија, Југославија. И таму ноќевавме по куќи. Кога тргнавме преку границата, ни кажаа да ги оставиме врзулчињата со храна. Ни рекоа дека во Македонија ќе имаме тазе леб и се ш{то оди со лебот, а ова нека остане за партизаните. На планината имаше многу снег. По неколку дечиња лежевме на едно ќебе, а со друго не покриваа. Кога се раздени, од планината гледавме две езера. Многу подоцна разбрав дека всушност сме ги гледале Мала и Голема Преспа. До Јанковец неколку дена одевме пеш. Таму ни дадоа многу јадење и не сместија во училиштето. Потоа, со камиони не однесоа во Битола. Сето време Ванчо и Мери ги држев за рачињата, крај себе. Утредента, пак со камиони не однесоа во Браилово, каде се сретнавме со децата од другото маалоо и од другите села. Ги најдовме братучетка ми Цвета со братчето Нако кое беше помало од Мери, како и братучетката Ката. Од Браилово, со товарен воз заминавме за Белград. Во Скопје возот не застана. Таа мартовска ноќ немавме можност да го видиме градот. Низ решетките на вратата видовме само улични светла“, се сеќава Софија Прешленкова.

Во Белград, групата од неколку стотини деца била сместена во повеќе домови за деца без родители. Тогаш, за прв пат Софија ги загубила Ванчо и Мери. Тоа се случило кога ги бањале. Софија, исплашена, и рекал на учителката дека ако не ги најде Ванчо и Мери ќе ја каже на мајка и. По некој ден, учителката ги вратила Ванчо и Мери во групата на Софија. Потоа, со друг товарен воз, заминале за Бела Црква.

По приемот, децата биле поделени во неколку групи до пет и до 14 години. По долгото патување, Софија добила воспаление на очите и неколку дена одела на преврски во градот. Еден ден, откако се вратила од лекар, едно девојче од Турија, по име Софка, и кажала дека нејзината помала сестра и братучед, со Мери и Ванчо и поголема група други дечиња, веќе ги однеле за Словенија. Тогаш дознала дека мајката на нејзината група, Ристана, не е веќе во Бела Црква, туку заминала за Чехословачка со друга група. Братучедите Ката, Нако и Цвета, истото претпладне биле упатени со трета група во Романија.

– Во Бела Црква први учители ми беа Гркот Ѓорѓадис и Еленора. Не учеа грчка азбука и говор. Бегавме од Грци, на Грци наидовме. Беше лето и ушевме на ливада. Еден ден ги снема. Потоа не учеа Динка од Штип и Сузана од Скопје. До полугодие учевме прво, потоа второ одделение. Втората година дојде татко ми Ламбро да не побара. Ние беснеевме во спалната иако веќе беше подоцна од 21 часот. Го препознав преку прозорчето и го упатив кај дежурните. Сабајлето се видовме и тој замина за Словенија, да ги бара Мери и Ванчо. По неколку месеци дојде и вујко ми Јани, таткото на Мери. Ме носеше во градот на сладолед и се сликавме. Ми кажа дека вујна ми Софија починала во затворот во Тирана. Не знаев точно да му кажам каде се наоѓаа Ванчо и Мери – раскажува Софија.

Тие, пак, во Словенија, биле сместени во домот во Стара Гора. Додека Ванчо одбива да се сеќава на тажното патешествие, Мери Нолчева се сеќава само на тоа дека од се се плашела и дека постојано го држела Ванчо за рака. Се сеќава и на тоа дека тетин и Ламбро, кога ги посетил во Стара Гора и дал играчка „дрвен фискултурец“, човече што на две штички врзани со конец, кога ќе се притиснат долните краеви, се превртува преку јажето. Ниедна слика од дома и од мајка и нема во нејзиното сеќавање.

Кон крајот на 1951 година, Ристо Прешленков, веќе пребеган во Југославија, Македонија, тргнал да ги прибере децата од Словенија и Војводина. Најнапред го пронашол Ванчо во Стара Гора, а потоа и Мери во Дутовле, што всушност е некој вид рекреативен центар во близина на Стара Гора. Со нив се вратил во Белград, каде ги пречекала Софија. Сите се вратиле во Скопје, во населбата Пролет каде во една соба се сместиле три семејства и три генерации. Ванчо тука завршил основно образование, а Мери и средно. Софија, по желба на вујна и Роза Нолчева, повисоките одделенија ги завршила во Кочани, за потоа да заврши и акушерски оддел во медицинското училиште во Штип. Во Штип Ванчо завр{ил средно текстилно, а потоа се вратил во Словенија каде завршил Технолошки факултет и таму, откако формирал семејство, останал до денешни дни.

Во меѓувреме, кон крајот на 1952 година, браќата Јани и Никола Нолчеви добиле нови станови. Ристо Прешленков, пак, по подолг престој и работа во Австралија, пред неколку години, како пензионер се вратил во Скопје. Од разделбата во 1948 година до денес само Ристо и Ванчо имале среќа и можност да го посетат родното Дмбени.

(продолжува

(Овие сведоштва се запишани пред неколку години од еден од најдобрите македонски новинари, за жал, сега покојниот Спас Марковски)