Кина денеска, кога цените на гасот во Европа скокнаа за 23 отсто, соопшти дека се противи на ограничување на цената на руската нафта, откако министрите за финансии на Г7 минатата недела се согласија да воведат ограничување за „намалување на приходите на Москва за војната во Украина“.

– Нафтата е еден од главните светски производи и е од клучно значење за обезбедување на глобално снабдување со енергија, рече портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг.

Кина стана еден од најголемите купувачи на руска нафта, додека Европа во последно време го намалува увозот.

– Се надеваме дека влијателните земји ќе вложат конструктивни напори за олеснување на сегашната ситуација преку дијалог и консултации, а не да го прават спротивното, додаде портпаролката.

Кинескиот увоз на нафта од Русија во првите седум месеци од годинава достигна 48,45 милиони тони, што е зголемување за 4,4 отсто во однос на истиот период лани.

Во исто време, Кремљ предупреди дека ќе преземе „одмазднички мерки“ поради предлогот на Г7 за воведување горна граница на цената на руската нафта.

Групата од седум министри за финансии се согласи на ограничувањето во петокот како одговор на руската инвазија врз Украина, а Москва вети дека ќе ја запре продажбата на земјите што го наметнуваат ограничувањето.

Значителен скок на цените на гасот во Европа

Цените на гасот во Европа денеска скокнаа за речиси една четвртина, откако руски Газпром соопшти дека нема да испорачува гас за Европа преку гасоводот Северен тек 1 до натамошно известување поради проблеми со турбина.

По отворањето на холандскиот пазар, цената на гасот во термински договори со рокови за испорака во октомври се зголеми за 30 отсто, на 272 евра за мегават час (MWh).

Цената потоа се стабилизираше на 256 евра за мегават час, што е зголемување за 23 отсто. Споредено со истиот период лани, цената е речиси пет пати поголема.

Руски „Газпром“ во петокот соопшти дека нема да праќа гас во Европа преку „Северен тек 1“ до понатамошно известување, бидејќи беше откриено дека од главната гасна турбина на компресорската станица Портоваја во близина на Санкт Петербург истекува масло.