Централната кинеска провинција Хубеи, каде што смртоносниот коронавирус првпат се појави кон крајот на минатата година, ќе ги укине забраните за патување по два месеци прекин, соопштија денеска локалните власти.

На здравите жители ќе им биде дозволено да ја напуштат провинцијата од денеска на полноќ по локално време. Патните ограничувања за напуштање на Вухан ќе бидат укинати на 8 април, а луѓето ќе можат да заминат, врз основа на здравствен код.

Кинеските власти соопштија за 78 нови случаи на заразени со Ковид-19 денеска, со огромно мнозинство инфицирани од странство, при што се појавија стравувања од втор бран инфекции.
Првиот нов случај за скоро една недела беше исто така пријавен во Вухан – епицентарот каде вирусот се појави минатата година – заедно со три други локални инфекции на друго место во земјата.
Починаа уште седум лица, соопшти Националната здравствена комисија, сите во Вухан.

Чанг: Борбата против Ковид-19 би можела да трае две години

Борбата против новиот коронавирус во Европа би можела да потрае до две години, изјави шефот на тимот медицински експерти за Ковид-19 од Шангај, Чанг Венхонг.

Тој преку видео-конференција изјави дека е „совршено нормално“ вирусот да се појавува и исчезнува и пандемијата да трае една или две години.

– За да најдеме решение за ширењето на заразата во краток временски период, мерките мора да бидат екстремно радикални, посочи Чанг.

Според Чанг пандемијата би можела да биде запрена доколку целиот свет престане да се движи четири недели.

Меѓутоа не можам да замислам дека некогаш била можна глобална суспензија, дури ниту во Германија или во Европа, потенцира Чанг.

Во САД почина маж откако се лекувал од Ковид-19 со хлорохиден фосфат

Маж на околу 60 години почина откако земал антималариски лек без рецепт за лекување од Ковид-19, се наведува во соопштението на американската здраствена компанија „Банер хелт“ (Banner Health).

Мажот почина, а неговата сопруга е во критична состојба откако земале хлорохиден фосфат, што се користи и како додаток за чистење на аквариумите. Во рок од 30 минути брачната двојка покажала нусефекти, се посочува во соопштението.

Претходно, американскиот претседратл Доналд Трамп изјави дека антималариските лекови потенцијално можат „да ја сменат играта“ со новиот коронавирус и оти лекот се препорачува во Њујорк и други места. Додека Трамп пред три дена изјави дека можат „веднаш“ за се користат заедно хидроксихлорокин и азитромицин.

Јужна Африка воведува забрана за движење

Јужна Африка ќе воведе 21-дневна забрана за движење во државата од четврток на полноќ во обид да ја спречи епидемијата на Ковид-19. Тоа го изјави синоќа претседателот на Сирил Рамафоса, откако бројот на потврдени случаи се искачи од 128 на 402.

Тој и порача на нацијата дека најразвиената економија на Африка мора итно и драстично да го засили својот одговор на ширењето на инфекцијата.

– Од полноќ в четврток, 26 март, до полноќ во четврток, 16 април, сите Јужноафриканци ќе треба да останат дома, рече Рамафоса, додавајќи дека луѓето се уште ќе можат да ги напуштаат своите домови за да побараат медицинска помош, купат храна или да подигнат социјална помош.

– Иако таа мерка ќе има значителни последици врз приходите на луѓето, врз животот на нашето општество и нашата економија, одложувањето на оваа мерка ќе има многу, многу повисока цена во животот на луѓето, рече Рамафоса.

Мерките против коронавирусот во ќор-сокак: Демократите во Сенатот го пролонгираа гласањето

Демократите во Сенатот засега, од низа причини, не прифаќаат договор за пакет мерки за стимулација на економијата по епидемијата на коронавирусот во земјата.

Мич Меконел, лидер на сенатското мнозинство, настојуваше на гласање во понеделник, но демократите синоќа не дозволија со изговор дека не била постигната натпартиска согласност во однос на содржината на документот.

Тие повикаа на можно гласање в среда, но ситуацијата се усложни откако петмина сенатори, републиканци, отидоа во карантин или самоизолација. Затоа, Републиканската партија сега во Сенатот не води со 53 против 47, туку со 48 против 47 гласови, додека за донесување на пакетот потребни се две третини од гласовите (60).

Според првичните сознанија, најголема фрикција има во однос на општата сума за помош на сојузните држави, и ограничувањата околу помошта за големиот бизнис.

Републиканците синоќа се пожалија дека демократите го минираат документот со такви барање како вклучување на несуштествени мерки, кои немаат врска со коронавирусот, како стандарди за издувни гасови за авиокомпаниите, и повеќе даночни олеснувања за ветерната и соларната енергија.

-Демократите не дозволуваат да финансираме болници и да ги спасиме малите бизниси додека не ја издуваат прашината од нивниот Нов зелен курс. Ова мора да запре, земјата нема време за чекање, изјави синоќа видливо изреволтираниот Меконел.

Седницата продолжи со заемни обвинувања за задршката, додека Администрацијата и кризниот штаб за борба со коронавирсот ветуваа брзи и ефективни стимулативни мерки.

-Законот предложен од републиканците во Сенатот ги става корпорациите на прво место. Благодарејќи на упорноста на лидерот (на сенатското малцинство) Чак Шумер, и демократите, беше постигнат прогрес. Ние настојуваме Сенатот да се приближи до вредностите на законот „За одговорност кон работниците и семејствата“, изјави синоќа Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом.

Трамп потпиша налог против трупање на артикли

Портпаролката на Белата куќа, Стафани Гришам синоќа изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп синоќа потпиша налог со кој се спречува трупање артикли и зголемување на цените на производите неопходни за бора против новиот коронавирус.

– Тоа испраќа силна порака дека нема да дозолиме складирање на основните животни потреби и зголемување на цените со што би се нанесло штета на здравјето на Америка во овој ќас, напиша Гришам на Твитер.