Австралиските пливачки во штафетата 4х100 метри во слободен стил го освоија денес златниот медал на Олимписките игри во Токио, со поставен нов светски рекорд.

Бронте Кемпбел, Мег Херис, Ема Мекион и Кејт Кемпбел ја завршија трката за 3:29,69 минути и го донесоа на Австралија третото последователно олимписко злато, по Лондон 2012 и Рио 2016 година.

Претходниот светски рекорд, кој изнесуваше 3:30,05 минути, исто така беше во сопственост на Австралија и беше на сила од април 2018 година.

Сребрениот медал го освои Канада, додека трети беа Американките.