Здравите луѓе да не носат маски, повторно апелираат од Светската здравствена организација, нагласувајќи дека тие се потребни само за оние кои се заразени со коронавирусот или пак за луѓето кои се грижат за пациенти.

Си-Ен-Ен ја пренесува изјавата на директорот за управување со вонредни состојби на СЗО, Мајкл Рајан, во која тој вели дека нема конкретни докази кои сугерираат дека масовното носење маски има потенцијални придобивки. Истовремено истакнува дека неправилната употреба на маските може само да направи повеќе штета отколку добро во борбата против ширењето на вирусот.

Рајан вели дека според Светската здравствена организација, маските се единствено наменети за болните и за здравствените работници.

-Глобален проблем е недостатокот на маски и на други медицински материјали. Луѓето со најголем ризик се здравствените работници кои се изложени секоја секунда, секој ден. Помислата дека немаат маски е страшна, изјави Рајан.

Ваков став СЗО имаше и на почетокот од пандемијата, кој подоцна беше сменет и маските станаа задолжителни.