Претседателот на САД Доналд Трамп сака средба со неговиот руски колега Владимир Путин пред изборите во САД во ноември. Тоа го објави британскиот весник „Тајмс“, кој, сепак, не наведе извор за информацијата.
Медиумот јави дека најверојатен датум за одржување на таков состанок е 15 септември, кога ќе се одржи годишното Генерално собрание на ОН во Њујорк.
Во написот се истакнува дека за време на телефонскиот разговор на 13 јули, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и државниот секретар на САД, Мајк Помпео ја потврдиле својата желба Трамп и Путин да одржат таков состанок.
Нема официјални извештаи за евентуална средба меѓу Путин и Трамп на маргините на ГС на ОН, ниту од Русија, ниту од САД.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа на состанок на Г20 во Јапонија пред повеќе од една година. Разговорите меѓу Путин и Трамп траеја еден час и 20 минути.