Според документи од тајните архиви на Велика Британија и на Австралија за војната во Грција од 1946 до 1949 година, таа побарала помош од Обединетите нации, САД и Велика Британија за да се справи со герилското движење на Македонците во Егејска Македонија.
Во документите (заокружени со жолта боја), кои се дел од истражувањето и докторската дисертација на Ицо Најдовски-Перин, а кои се објавени и на социјалните мрежи, се вели дека борбата во Егејска Македонија (1946-1949) била борба на македонскиот народ за своја држава. Во „Доверливиот документ“ од 20 декември, 1946 година под број 3 се вели дека имало 6.000 наоружани герилци кои ги помагале над 35.000 жители од локалното население во Егејска Македонија.
На страна бр. 2, точка 5, пишува дека герилците кои се запишани во документот како „Славјани“ се борат да ги обединат во една држава „Вардар“ (Југословенска) „Егеј“ (Грчка) „Пирин“ (Бугарска) Македонија.
Во документите стои дека, според Форин офис на Велика Британија, во во составот на Голема Македонија треба да влезе и Солун.
Состојбата на теренот во Егејска Македонија била толку загрижувачка за Грција што нејзината Влада побарала помош од ООН, САД и Велика Британија. Грција била советувана да испрати 80.000 редовна војска и 30.000 жандармерија за да ги порази македонските герилци.
Во овој документ пишува и тоа дека британски експерти ќе ги тренираат и обучуваат грчките војници за да бидат поподготвени од востаниците. Во документот се споменува ЕЛАС, но не како активен учесник, туку како организација која го чекала резултатот од судирот на Македонците со грчката армија.
Овој документ говори за националната борба на Македонците за демократија, човекови права и слободи против Грција и грчкиот фашизам во Егејска Македонија во периодот од 1946 до 1949 година, кога се забранети секакви права на Македонците, и голем број протерани од родните огништа и раселени низ Европа и светот.
(Подготвил: Д. Г.)