Српската православна црква уште во мај 1946 година донела одлука „никако да не се попушта по прашањето на СПЦ во Н.Р. Македонија, а црковниот поредок да се сочува онаков како што со векови постоел“, иако Лазар Колишевски на тајниот состанок со Српскиот патријарх Гаврил во Белград отворено се заканил дека доколку Србите не попуштат „владиката Борис во Пиринска Македонија е готов да се стави во служба на Македонците“.

Освен записникот од таа средба, во Архивот на Светиот архиерејски Синод на СПЦ има и многу други документи, изјави и извештаи поврзани со Македонија, иницијативата за издвојување на македонските епархии во Македонска православна црква, но и други документи.

Според еден од записниците до кој дојдовме, редовното заседание на Светиот архиерејски сабор на 20 април 1947 година започнало со разгледување на извештајот за работа на Синодот на СПЦ од 1941 до 1946 година. Во соопштението на Одборот за преглед на тој извештај, кој го поднел тогашниот епископ банатски Дамаскин, меѓудругото се истакнува дека за време на војната, но и во првата година по неа се случиле многу „важни настани за црквата и народот“, па затоа извештајот не е само попис на активностите на Светиот Архиерејски Синод, туку и анализа на историските настани од почетокот на окупацијата до 20 април 1947 година.

Во Македонија од 1941 до 1945 биле убиени 40 свештеници!

Според извештајот на епископот Дамаскин од 1947 година, српскиот патријарх Гаврил бил уапсен од Германците на 25 април 1941 година во шест часот наутро во манастирот Острог, и веднаш бил префрлен во Белград, во затворот на бившиот Окружен суд каде што останал до 5 мај 1941 година, кога е преместен во манастирот во Раковица.

Истиот ден, значи на 5 мај 1941 година, како што стои во извештајот, во Белград стигнуваат и избеганите „српски архиереи од Македонија“, скопскиот митрополит Јосиф и злетовско-струмичкиот епископ Викентие. Во документот се забележани и голем број убиства на епископи, свештеници и обични верници во окупираните делови на кралска Југославија, а во прегледот за убиени свештеници од 1941 до 1945 година се евидентирани и 40 свештеници од Македонија ликвидирани од Германците, Бугарите и, како што се вели, Арнаутите, потоа од таканаречените четници, недиќевци, љотичевци но и од партизаните.

Во Скопската епархија, на пример, биле убиени 19 свештеници – четворица од Германците, петмина од Бугарите, четворица од Арнаутите, исто толку од партизаните, еден од југословенската кралска војска и еден од четниците. Во Злетовско-струмичката епархија двајца свештеници убиле партизаните, еден бил убиен од љотиќевците а еден загинал од сојузничкото англо-американско бомбардирање на Македонија.

Во Охридиско-битолската епархија двајца свештеници убиле Германците, тројца Бугарите и двјаца партизаните. Во истиот извештај се нотира и проблемот со цензурирањето на црковниот печат, прогоните и апсењата на свештенството за време на окупацијата но и веднаш по ослободувањето, проблемите со организацијата и востпостваувањето на новата државна власт, состојбата во која се нашле епархиите на Српската православна црква во новата држава, заклучно со црковните превирања во Македонија започнати веднаш по ослободувањето.

Во тој контекст, според документите од Архивата на СПЦ, скопскиот митрополит  Гаврил уште во декември 1944 година го замолил Светиот архиерејски синод да преземе чекори пред новите граѓански и воени власти со декрет да им се овозможи на „архиереите на Јужна Србија, заедно со своето избегано свештенство веднаш да се вратат на своите редовни должности“.

Преземајќи чекори во таа насока, Синодот на СПЦ го замолил повереникот на Националниот комитет за внатрешни работи да „издаде потребни упатства на граѓанските и воените власти во Јужна Србија-Македонија со кои на архиереите и на парохиското свештенство кои се враќаат на своите предвоени службени места во сите црковни општини, да им се излезе во пресрет, да им бидат при рака и по потреба да им пружаат нужна заштита“ секаде каде што ќе биде потребно. Бидејќи во Македонија веќе бил формиран Иницијативен одбор за обновување на Охридската архиепископија во лицето на новата македонска православна црква, ваквото барање на црковните власти во Белград никако не можело да биде реализирано.

Само една недела подоцна, на 22 јануари 1945 година, во Светиот архиерејски синод на СПЦ стигнало писмо од Иницијативниот одбор со детално образложение на „организацијата на православна црква во Македонија“, на кое, со благослов на Светиот архиерејски синод на СПЦ, одговорил протераниот скопски митрополит Јосиф:

„Браќа и господа свештеници, ми дојде до рака Вашето писмо испратено на 3 јануари 1945 година, со кое меѓудругото ни го честитате Божик. Од Вашето писмо се гледа дека вие тројцата сте одредени привремено да ги водите црковните работи додека не се нормализираат работите, и дека сакате да опстоите на канонските правила и прописи, што секој кој се грижи за спасение на душата мора да го радува, па и мене Вашиот законско-канонски архиереј, но, за жал, подолу во писмото се гледа дека себеси се ставате на пиедесталот на самостојна и рамноправна страна во однос на Светиот архиерејски синод…“

Протераниот српски митрополит Јосиф своето писмо го завршува со тоа дека „моментално е зафатен со неодложни работи, но штом бидам слободен ќе се погрижам да се видам со Вас во Белград или Скопје“.

Како одговор на ова писмо на Јосиф во Светиот архиерејски синод во Белград на 9 март стигнува телеграма во која Иницијативниот одбор известува дека на 4 март 1945 година „во Скопје, во главниот град на Македонија, се собра македонскиот црковно-народен собор на кој делегатите ја искажаа еднодушната желба на сите православни Македонци за што побрзо прогласување на самостојна Македонска православна црква, односно обновување на историската Охридска архиепископија“.

Според документите од Архивата на СПЦ, српскиот синод и оваа телеграма од Иницијативниот одбор повторно ја проследил до протераниот митрополит Јосиф, со молба „да замине во Скопје и на самото место да ја испита целата работа“, а потоа „за сериозноста на оваа акција да поднесе исцрпен извештај, со мислење и предлог“.

Сепак, барање на Светиот архиерејски синод да му се издаде патна дозвола на протераниот српски митрополит за патување во Скопје категорично било одбиено од министерот за внатрешни работи со службен допис дека „засега не може да се издаде дозвола за патување во Скопје на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Јосиф“.

Патријархот Гаврил

Таен состанок на Колишевски со патријархот Гаврил!

Според извештајот за случувањата во Српската православа црква од 1941 до 1946 година, кој во март 1947 година го поднел тогашниот епископ банатски Дамаскин, Македонците биле решени во никој случај да не дозволат српски владици и свештеници да служат во македонските цркви.

Затоа на 2 април 1945 година, протераниот митрополит скопски Јосиф го известил Светиот синод на СПЦ дека бил приморан да формира Црковен суд за Скопската епархија со „привремено седиште“ во Врање, „додека не се укаже прилика да го пренесеме во Нашата поранешна резиденција“.

Како реакција на овој потег на разбеснетиот владика Јосиф, со акт на Владата на Д.Ф.Македонија, број 1228, од 25 јули 1945 година доставен на адреса на „администраторот на српската патријаршија“ стигнало писмо од Иницијативниот одбор за возобновување на Охридската архиепископија во кое се вели дека свештенството на скопската епархија на својата редовна седница на 18 јули 1945 година ги зело во разгледување, покрај другото, и „тенденциозните провокации од страна на митрополитот Јосиф, кој се уште во црквите во Македонија го праќа ’Гласникот на српската православна црква’, формира некаков Црквен суд на Скопската епархија во Врање и дели некакви пари и помош за скопската, злетовско-струмичката и охридско-битолската епархија“.

Ваквите активности на СПЦ продолжуваат и следната 1946 година се до седми декември кога доаѓа до состанок на Иницијативниот одбор од една, и Српскиот патријарх Гаврил заедно со Скопскиот митрополит Јосиф, од друга страна. Разултатот на разговорот бил целосно разидување на двете страни, зашто, како што се вели во извештајот, членовите на Иницијативниот одбор биле „конфузни, дрски и неодредени“.

Во српските белешки останало забележано дека делегацијата на Иницијативниот одбор ја сочинувале „свештениците Кирил Стојанов, Нестор Попов и свештеникот Мукаетов, заедно со две цивилни лица“.

Записниците од заседанијата на Светиот архиеријски сабор одржани на 5 и 13 мај 1947 година во Белград, под раководство на српскиот патријарх Гаврил, потврдуваат дека прашањето околу возобнувањето на Охридската архиепископија како Македонска православа црква било едно од најважните ако не и најважно прашање за Српската православа црква.

Според записникот од седницата одржана на 5 мај митрополитот Јосиф ја изнел историјата на преговорите водени со Иницијативниот одбор, подвлекувајќи дека, дури и пред патријархот, членовите на делегацијата биле многу дрски, дури сакале, како што рекол, „да диктираат свои решенија, па му поставувале и прашања на патријархот дали тој го признава македонскиот јазик, на што тој им одговори дека тоа е само наречје.“

Протераниот митрополит бил револтиран и од генерал-мајорот Ѓуриќ, кој, како што рекол, отворено ги застапувал интересите на Иницијативниот одбор, тврдејќи дека оние што му се јавуваат на патрјархот, и наводно го молат да ги врати српските епископи во Македонија, може да се само Срби, а не Македонци. Во истиот записник стои и тоа дека патријархот Гаврил никако не се согласува со предлогот СПЦ да се преименува во Југословенска, но како Српска Православна Црква би „дозволил Македонците да поставуваат свештеници, па дури да избираат и нови одбори и совети, во кои би влегле Македонци“.

Записникот од ова заседание завршува со тоа дека патријархот Гаврил предложил Светиот архиеријски синод да испрати акт до владата со молба да му се овозможи на митрополитот Јосиф, и на епископите Викентие и Венијамин да се вратат во своите епархии во Македонија за да се воспостави „црковен поредок и редовна состојба во православната црква во Македонија“.

Сепак, се чини, посебно интересен и индикативен е записникот од заседанието на Светиот архиерејски сабор одржан на 13 мај 1947 година во Белград, кога партријархот Гаврил веднаш, уште на стартот, ги известил присутните за проблемите во Македонија, информирајќи дека за тоа зборувал и со претседателот на Федералната влада, со Иницијативниот одбор, со Димитар Влахов но и со преседателот на Владата на Н.Р. Македонија, Колишевски, побивајќи ги, како што рекол, нивните ставови дека Српската православна црква дури во 1912 година ја проширила својата духовна власт на Македонија.

Во продолжение записникот во наводници, како цитат, се наведува извештајот што во таа прилика го поднел патријархот Гаврил:

„На десетти мај, околу седум и пол часот попладне дојде свештеникот Милан Смиљаниќ и ми соопшти дека истата вечер околу осум и пол часот кај мене на разговор сакаат да дојдат генерал Љубодраг Ѓуриќ и Колишевски, претседателот на Владата на Република Македонија. Генерал Ѓукиќ преку Смиљаниќ изразил желба разговорот да биде без присуство на митрополитот Јосиф. Точно во осум и пол часот дојдоа Ѓуриќ и Колишевски.

Ги примив во официјалниот кабинет. На разговорот присуствуваше и свештеникот Милан Смиљаниќ, кој учествуваше и во дискусијата а во одредени моменти самиот го бранеше нашиот црквен став и гледиште. По претставувањето и запознавањето, генерал Ѓуриќ рече дека претседателот Колишевски дошол со цел со мене да разговара за црковното прашања во Македонија. Јас тогаш му реков дека ми е мило што имам прилика да се запознаам со господин Колишевски и дека им стојам на располагање. Господин Ѓуриќ, како и порано, огнено зборуваше за поранешната ропска положба на македонскиот народ, жестоко критикувајќи ја, како што рече, великосрпската пропаганда, која тој добар народ немилосрдно го угнетувала.

Сега македонскиот народ доби, рече, полна слобода, и тој сега сака и своја црква што ќе ја уреди по свое, со своја црковна власт и органи. Господин Колишевски опширно ја објаснуваше состојбата во која Македонците страдале од великосрпската, великобугарската, великогрчката и другите пропаганди, нафрлувајќи се жолчно на органите на велискосрпската пропаганда, на која, како што рече, митрополитот Јосиф бил главен фактор, па затоа тие сакаат да имаат своја црква и свои луѓе.

Во долгата дискусија која траеше повече од два часа јас докажував дека Српската православна црква не прави и не правела разлика меѓу верниците, туку со мајчинска грижа ги третира сите православни верници во сите епархии поденакво, па и оние во Македонија.

Во дискусијата нагласив дека архиерејскиот сабор под претседателство на патријархот е највисока наша црковна власт, и дека, според канонско-законските одредби, во Македонија мора да се воспостави редовна црквена состојба а во иднина животот и работата на Црквата да се развива како што се развивала полни дваесет векови, иако политичките прилики се менувале, државите се формирале, укинувале и обновувале. Ние како Српска православна црква немаме никакви намери да го ограничуваме или спречуваме политичко-државниот живот на Македонците, напротив, ќе ги помагаме нашите православни синови во нивниот развој.

Во таа насока спомнав дека би дозволиле и внатрешна употреба на македонскиот дијалект, полна слобода во изборот на нивните епархиски и црквеноопштински совети и одбори, дека ќе ги поддржиме сите свештеници кои ги исполнуваат канонско-законските услови, дека ќе се договориме за називите на парохиите, епархиите и општините, и дека ќе најдеме решение за сите црковни надлежности со наша помош и под наша заштита.

Тогаш Колишевски рече дека народот и свештенството се поделени, едни сакаат автокефалност, а други автономија, но и едното и другото го бараат со полно право. Притоа, во сите негови барања енергично го поддржуваше и помагаше генерал Ѓуриќ. Слушав смирено и трпеливо, но кога Колишевски се обиде да предочи за штетата за Православната црква ако патријаршијата не попушти пред желбата на македонскиот народ, пред свештенството и народот во Македонија, заканувајќи се дека во Пиринска Македионија има владика Борис кој е готов да им се стави во служба Македонците, морав да реагирам:

„Имајте на ум, господине претседателе, дека тој Борис е клирик на туѓа црква која нема никаква правна основа да се меша во нашите внатрешни црковни работи; нашата црква нема физички средства да спречува насилство и незаконитост, но ве уверувам дека ниту една православна црква не може и нема да признае една таква одметничлка авантура“.

По оваа мачна дискусија, Колишевски малку помолча, а потоа рече дека враќањето на митрополитот Јосиф во Македонија е невозможно, затоа што против него е целиот народ и свештенството:

„Ако митрополиот Јосиф се појави во Македонија тој ќе биде линчуван“, рече Колишевски.

Можеби, реков јас, но само ако Вие како претседател на Владата наредите да го линчуваат.

Колишевски резигнирано одби дека би можел да направи такво нешто. Помошникот главен сеекретар на федералната влада, генерал Ѓуриќ само дополни дека митрополитот Јосиф треба да се премести во друга епархија, а потоа кога по третпат рече дека во интерес на Црквата е да се реши црковното прашање во Македонија, јас повторно реков дека и ние сакаме да излеземе во пресрет, но во оние работи кои не ја нарушуваат јурисдикцијата на Српската православна црква. Потоа, на крајот, и Колишевсаки и Ѓуриќ рекоа дека Македонците нема да отстапат од своите барања и дека прашањето уште повеќе ќе се заострува. Јас на тоа реков дека длабоко жалам што без потреба се заострува прашањето кога веќе српската патријаршија покажа подготвеност од своја страна да направи се што е можно и што е во интерес на свештенството и народот во Македонија, но, кога се вопрашање две зла, српската патријаршија не може за ничија љубов да го нарушува вековниот црковен поредок.

Овде дискусијата беше прекината и сите тројца посетители се поздравија со мене и го напуштија кабинетот во 11 часот пред полноќ“, стои во извештајот на српскиот патријарх Гаврил од 13 мај 1947 година.

Во записникот потоа се пренесува мислењето на протераниот скопски митрополит Јосиф, кој, како што рекол, најискрено го „жали македонскиот народ, кого неговите денешни претставници го водат во пропаст“, отрфлувајќи ги изјавите дека водел великосрпска шовинистичка политика во Македонија.

Притоа, како што останало забележано во записникот од Архивата на СПЦ, рекол дека секогаш бил само Србин, каков што е и сега, барајќи Светиот синод на СПЦ да го повика свештенството во Скопската, Злетовско-струмичката и Охридско-битолската епархија да се обраќа на својата законска јерархија и да се покорува на нејзините совети и наредби, зашто исклучиво со неа може законски и канонски да се расправа за сите црковни потреби и желби. Во поткрепа на тоа дека СПЦ мора да остане таму каде што е, митрополитот ја навел ’братската Советска Русија каде што има 16 републики, но не и 16 цркви, туку една Православна руска црква и еден православен Руски патријарх во Москва’.

Блаже Миневски (Дневник, 2014 година)