Претседателката на Тајван Цај Ингвен се повлече денеска од лидерското место во владејачката Демократска прогресивна партија по големиот пораз на локалните избори.

Во својата изјава на прес-конференција таа истакна дека не ја прифатила оставката на премиерот Вилијам Лај, кој претходно денеска, исто така, побара да се повлече од својата функција.

Партијата на Ингвен го загуби градоначалничкото место во јужниот пристаништен град Гаосјун, кој е втор по големина во Тајван веднаш по Тајпеј, по 20 години владеење. Изборите таму ги освоија националистите. Тие ја победија Демократска прогресивна партија и во третиот по големина град Тајџун.

Во главниот град Тајпеј досегашниот градоначалник, кој се бореше на изборите како независен кандидат, има најголеми шанси да добие втор мандат.

Денешните избори за градоначалници и илјадници други претставници во органите на локалната власт претставуваа еден вид референдум за владеењето на претседателката Цај. Таа е на власт две години, а Пекинг ја напаѓаше поради нејзиното одбивање да ја поддржи неговата теза дека Тајван е дел од Кина.