Поминаа речиси четири месеци откако Демократската унија за интеграција јавно алармираше за случајот во МЕПСО и побара одговорност од директорот Бурим Латифи, се истакнува во денешното соопштение на ДУИ, на денот кога во Кривилниот суд почна судењето на Артан Груби, нивниот истакнат „играч“ во партиските редови и бивш вицепремиер.
Во продолжение интегрално денешното „тактичко“ соопштение од партијата од Мала Речица:
Четири месеци подоцна, граѓаните сè уште немаат целосни одговори за одлуките со кои стратешкото државно претпријатие е вовлечено во меѓународен спор со потенцијални повеќемилионски последици, стои во соопштението на ДУИ.
Јавно објавените факти се сериозни. Во предарбитражната постапка пред ДАБ, МЕПСО го загуби спорот во износ од околу 19,3 милиони евра, додека одлуката беше во корист на претходната компанија „Енергоинвест“. Сега случајот се префрла во арбитража, каде што државното претпријатие треба да ги брани своите позиции и побарувања по неповолниот исход во претходната фаза.
Во исто време, МЕПСО склучи нов договор вреден повеќе милиони евра со конзорциум предводен од „Далековод“, во кој се и „Кодар Енергомонтажа“ од Белград и „Елнос БЛ“ од Бања Лука. Токму за последната компанија во јавноста беа изнесени обвинувања за блискост со кругови поврзани со Милорад Додик.
Затоа јавно прашуваме: зошто ВЛЕН дозволува и еден стратешки сегмент од енергетскиот сектор да се поврзува со компании од Србија и Република Српска, додека граѓаните ги трпат финансиските последици од одлуките на нивните раководители? Кој донел одлука за раскинување на претходниот договор, кој го проценил правниот и финансискиот ризик и кој ќе сноси одговорност доколку државата претрпи дополнителна штета во арбитражата?
Но денес прашањето не е само за Бурим Латифи. Каде е Јавното обвинителство и каде е Државната комисија за спречување на корупцијата? Пред четири месеци јавно побаравме надлежните институции да го истражат случајот. Јавноста има право да знае: дали е отворен предмет, кои дејствија се преземени и дали се истражуваат договорите, одлуките и евентуалната одговорност за финансиската штета?
Бурим Латифи може да избере да молчи, но 19,3 милиони евра противпобарувања отфрлени во предарбитражната фаза и нов повеќемилионски договор со конзорциум во кој учествуваат компании од Белград и Бања Лука не можат да поминат во тишина.
ДУИ бара целосна транспарентност, институционална одговорност и конкретни одговори. Четири месеци молк се премногу. Граѓаните имаат право да знаат кој ги донел овие одлуки, зошто ги донел и кој ќе одговара за последиците.




