Новиот закон за акцизи треба да стапи на сила од јули годинава. Предлогот ја помина владината процедура и во понеделник во прво читање е на пленарна собраниска седница.

Според директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски не е наменет за поскапување одредени производи, туку за усогласување голем дел од областите што ги регулира тој закон со законодавството на ЕУ.

Како што изјави се очекува да почне да се применува од 15 јули, откако ќе ја помине собраниската процедура.

Според предлагачот, Министерството за финансии, новиот Предлог-закон за акцизи  е изготвен имајќи ја предвид потребата од усогласување со акцизното законодавство на Европската Унија и со најдобрите практики од земјите.

Со Предлог – законот за акцизите се предлагаат нови системски решенија и модифицирани системски решенија во однос на постојниот Закон за акцизите, што ќе стапат на сила со денот на примена на Предлог – законот, како и нови системски решенија што ќе се применуваат со влез на Република Македонија во ЕУ.

Според образложението во новиот Предлог – закон за акцизите патничките автомобили не се предмет на оданочување и тие ќе бидат уредени со нов посебен закон за оданочување на моторни возила.

Со стапување во сила на законот ќе се промени системот на плаќање на акцизата за тутунски добра и алкохолни пијалаци, односно наместо досегашното решение акцизата да се плаќа со подигање на акцизните марки, истата ќе треба да се плати со пуштање на акцизните добра во слободен промет. Со новиот закон воведени се нови тутунски производи што ќе подлежат на акциза како што се тутун за водено луле (тутун за наргиле), тутун за џвакање, тутун за шмркање, несогорлив тутунски производ и течност за полнење електронска цигара.

Новиот закон воведува решение и за малите производители на алкохолни пијалоци за комерцијални цели, односно се пропишуваат одредби за нова категорија обврзници земјоделци-мали производители на жестоки алкохолни пијалаци со кои се регулираат нивните права и обврски. За овие категории на обврзници се пропишуваат износи на акциза што се пониски во однос на редовните износи на акциза што ќе треба да се платат.

Со законското решение се воведуваат нови акцизни добра и тоа електрична енергија, природен гас, јаглен, кокс и лигнит за кои стапката на акциза ќе изнесува нула денари, а во контекст на усогласување со директивите на ЕУ.

Нова категорија акцизни обврзници ќе бидат и мали производители на вино за комерцијални цели. Тие треба да имаат вкупно годишно производство на вино не поголемо од 100.000 литри за кое не се плаќа акциза. Предлагачот смета дека со воведувањето на малите винарници ќе се овозможи регистрирање производители на вино и следење на производството на виното преку системот Системот за движење и контрола на акцизни добра (EMCS – Excise movement and control system).

Со денот на примена на законот ќе стапи во сила и решението за малите пиварници каде е пропишано дека акцизата се плаќа со намалување од  20 до 50 отсто од пропишаната полна акциза во зависност од произведените месечни количини, при што вкупното годишно производство не смее да надмине 150.000 литри.

-Со новото решение се предлага да се плаќа полна стапка на акциза, а по истекот на годината да се поднесе барање за враќање на акцизата во зависност од произведената количина на пиво од 50.000 до 150.000 литри, за која ќе се изврши враќање на акцизата во износ од 20 до 50 отсто врз основа на групата во која ќе припаѓа произведената количина на крајот од годината, се појаснува во образложението.