На јубилејниот петти по ред настан “GrandVin – Taste of Awards 2023” беа претставени највисоко наградените македонски вина кои во 2022/23 година се закитија со престижни награди на познатите меѓународни вински натпревари.
На настанот учествуваа дванаесет винарници: Тиквеш, Камник, Бовин, Попов, Лазар, Захарчев, Попови, Парагон, Имако, Керем, Венец и Сопот, кои покрај највисоко меѓународно оценетите вина претставија и по некој вински новитет.
Настанот се одржа во вечерните часови на 05 октомври 2023 во Roof Bar 55 на хотелот Double Tree by Hilton, со што организаторот, МАСОМ – Македонска асоцијација на сомелиери, заедно со учесниците и ценетите гости , преку овој настан воедно го прославија и светскиот ден на вранецот.
„Вкусот на наградите е специфичен вински настан, традиционално поддржан од Министерството за земјоделие, кој нуди квалитативен пресек на тековните достигнувања во македонското винарење, гледано низ објективот на искусните меѓународни вински судии. Воедно претставува повик и предизвик за постојано подобрување на квалитетот на македонското вино“ појаснуваат од МАСОМ.
„Количините на таквите вина се скоро секогаш мали и мошне лимитирани, што е клучна причина поради која не можевме да одговориме на големиот интерес на вљубенците на виното и да обезбедиме поголем простор за овој навистина посебен настан.“
Воедно сакаме да се заблагодариме на винариите и сите кои присуствуваа на настанот.
„Посебна благодарност упатуваме до јапонскиот Амбасадор г. Оцука Казуја, претседателот на здружението „Вина од Македонија“ г. Светозар Јаневски, кинеската делегација на претприемачи и увозници на вина, секретарот на здружението „Македонски семејни винарии“ г. Гоце Попов, членовите на „Европското винско витештво“ кои со своето присуство допринесоа во промовирање на овој настан“ додаваат од МАСОМ.